Матеј 10:5-42
Матеј 10:5-42 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата! Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“ „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби. Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите. Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот. А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час. Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие. Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт. Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај! А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки. Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот. Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“ „Меѓутоа, не плашете се од луѓето. Си што е сега скриено, ќе излезе на виделина и секоја тајна ќе биде јавно објавена. Тоа што ви го кажувам сега во темнина, разгласете го преку денот и она што ви е кажано со шепот, разгласувајте го гласно, од покривите на куќите! Не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а не можат да ја убијат душата; плашете се единствено од Бог, Кој има моќ да ги уништи и душата и телото во пеколот. Зар не се продаваат две врапчиња за една паричка? Па сепак, ниедно од нив не паѓа наземи, ако тоа не го дозволи вашиот небесен Татко. А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се; вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ „Секој што ќе Ме признае Мене јавно пред луѓето, ќе го признаам и Јас јавно, пред Мојот небесен Татко. А секој што ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него, пред Мојот небесен Татко.“ „Немојте да мислите дека дојдов да воспоставам мир на Земјата! Не дојдов да донесам мир, туку меч! Зашто, Јас дојдов да противставам син против татко, ќерка против мајка и снаа против свекрва; на човекот ќе му произлезат непријатели од сопственото семејство!“ „Кој има поголема љубов спрема татка си или мајка си одошто спрема Мене, не е достоен да ми биде ученик; кој има поголема љубов спрема сина си или ќерка си одошто спрема Мене не е достоен да ми биде ученик. Секој што настојува грчовито да си го чува животот за себеси ќе го загуби; а оној што ќе го жртвува заради Мене пак ќе си го најде!“ „Кој ве угостува вас, Мене Ме угостува, а тој што Ме угостува Мене, Го угостува небесниот Татко што Ме има испратено. Секој што угостува божји пратеник затоа што е божји пратеник, ќе добие иста награда како и божјиот пратеник. И секој што угостува праведник затоа што е праведник, ќе добие иста награда како праведникот. Секој што ќе му даде макар само една чаша студена вода на еден од Моите најмали следбеници, затоа што е Мој следбеник, ве уверувам дека таквиот нема да остане без награда.“
Матеј 10:5-42 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите. И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши! Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата содомска и гоморска во судниот ден отколку на тој град!“ „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби. Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предаваат на судовите и по синагогите нивни ќе ве тепаат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете. Бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори во вас. И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат; и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен. Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите израелските градови додека дојде Синот Човечки. Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар. Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“ „И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите! И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“ „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“ „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, повторно ќе си го најде.“ „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој ќе напои еден од овие најбезначајните само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“
Матеј 10:5-42 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. А кога ќе влезете во домот, поздравете го. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. Вистина ви велам, полесно ќе ѝ биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.“ “Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете; зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.“ “Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни! Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае. Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите. И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеко-лот. Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко. А вам ви се изброени дури и влакната на главата. И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.“ “И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.“ “Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч. Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва, и непријатели на чове-кот ќе бидат неговите домашни. Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.“ “Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил. Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда. Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода, зашто е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.“