И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ. А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и Андреј братот негов; Јаков Заведеев и Јован, братот негов; Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, цариник, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј; Симон Хананеец и Јуда Искариот, кој и Го предаде.
Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите. И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши!