Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 10:1-14

Матеј 10:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања. Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон познат и како Петар и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков синот на Завдај, и брат му Јован; Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков синот на Алфеј; Тадија, хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса. Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата! Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе.

Матеј 10:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога ги повика Своите два­наесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква не­моќ. А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и Андреј братот негов; Јаков Заведеев и Јован, братот негов; Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, цариник, Јаков Алфеев и Ле­виј, наречен Тадеј; Симон Хананеец и Јуда Искариот, кој и Го предаде. Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очисту­вај­те, мртви воскреснувајте, демони из­гонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Не носете во појасите ваши ни зла­то, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работни­кот ја заслужува својата награда! А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите. И кога ќе влезете во некоја куќа, поз­дравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘ И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас! Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши!

Матеј 10:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост. А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован, Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. А кога ќе влезете во домот, поздравете го. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе.