Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Малахија 2:1-16

Малахија 2:1-16 MK2006

И така, за вас свештениците е оваа заповед: ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му оддадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце. И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотијата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив. И тогаш ќе познаете дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам за­ветот Мој со Левиј, вели Господ Саваот. Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за страв, и тој се боеше од Мене и од името Мое се плашеше. Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина одврати од грев. Зашто устата на свештеникот тре­ба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господ Саваот. А вие застранивте од овој пат, на многумина им послуживте како со­блазна во Законот, го разрушивте заветот на Левиј, вели Господ Саваот. Затоа Јас ве направив презрени и понизени пред сите народи, зашто не ги запазивте патиштата Мои и пристрасно го применувате Мојот Закон. Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци? Вероломно постапи Јуда, и од­врат­ност се врши во Израил и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата, омилена на Господ, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог. Господ нека го истреби од шаторите на Јаков секој, кој прави така, секој што сведочи, одговара или принесува жртва на Господ Саваот! А го правите и ова – го обливате со солзи жртвеникот Господов, пла­чејќи и воздивнувајќи, така што Тој веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши. Вие, пак, прашувате – зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, на која не ѝ беше верен, иако таа ти е помошничка и твоја законска жена. Зар Тој не направи да бидеш едно тело и еден дух со неа? И што сакаше Тој со тоа? Тој сакаше да добие потомство од Бога. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост. Зашто Јас мразам развод – вели Господ, Бог Израилев – и човек што си ја опоганува својата облека со не­верство, вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно.