Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Малахија 2:1-16

Малахија 2:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И така, за вас свештениците е оваа заповед: ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му оддадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце. И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотијата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив. И тогаш ќе познаете дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам за­ветот Мој со Левиј, вели Господ Саваот. Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за страв, и тој се боеше од Мене и од името Мое се плашеше. Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина одврати од грев. Зашто устата на свештеникот тре­ба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господ Саваот. А вие застранивте од овој пат, на многумина им послуживте како со­блазна во Законот, го разрушивте заветот на Левиј, вели Господ Саваот. Затоа Јас ве направив презрени и понизени пред сите народи, зашто не ги запазивте патиштата Мои и пристрасно го применувате Мојот Закон. Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци? Вероломно постапи Јуда, и од­врат­ност се врши во Израил и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата, омилена на Господ, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог. Господ нека го истреби од шаторите на Јаков секој, кој прави така, секој што сведочи, одговара или принесува жртва на Господ Саваот! А го правите и ова – го обливате со солзи жртвеникот Господов, пла­чејќи и воздивнувајќи, така што Тој веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши. Вие, пак, прашувате – зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, на која не ѝ беше верен, иако таа ти е помошничка и твоја законска жена. Зар Тој не направи да бидеш едно тело и еден дух со неа? И што сакаше Тој со тоа? Тој сакаше да добие потомство од Бога. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост. Зашто Јас мразам развод – вели Господ, Бог Израилев – и човек што си ја опоганува својата облека со не­верство, вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно.

Малахија 2:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А сега ви заповедам, свештеници! Ако не послушате, ако не земете на срце да Го прославите Моето Име - зборува Господ над Воинствата - ќе испратам клетва врз вас и ќе го проколнам вашиот благослов, и веќе го проколнав зашто не го зедовте тоа на срце. И ќе ви ја скршам раката, ќе ви фрлам нечистота во лицето, нечистотата на вашите празници, и ќе ве отстранам заедно со нив. По тоа ќе знаете: тоа беше Моја опомена, за да остане Мојот Завет со Левиј - зборува Господ над Војските. А Мојот Завет со нив беше Завет на живот и мир - Јас му ги дадов: за страв - и тој се плашеше од Мене, го почитуваше Моето име. Законот на вистината беше во неговата уста, немаше вина на неговите усни; одеше по Мене во мир и справедливост и мнозина одврати од грев. Да, свештениковите усни треба да го чуваат знаењето, а од неговата уста треба да се бара Законот: зашто тој е пратеник на Господа над Воинствата. Но вие застранивте од патот, направивте мнозина да се сопнуваат од Законот, го изгазивте Левиевиот Завет - зборува Господ над Воинствата. Затоа направив да ве презираат и да ве понижуваат сите народи, зашто не се држевте за Моите патишта, туку бевте пристрасни применувајќи го Законот.“ Немаме ли сите еден татко? Не нѐ создаде ли еден Бог? Зошто сме тогаш неверни еден на друг та го осквернуваме Заветот на своите татковци? Јуда изневери, направија срам во Израел и Ерусалим, зашто Јуда ја оскверни Светината, која Бог ја љубеше и се ожени со ќерката на туѓ бог. Секој кој ќе направи така, ма кој да бил тој, Господ нека го откорне од Јакововите шатори и од сред оние кои Му принесуваат жртва на Господа над Војските! И вие го правите уште ова: го залевате со солзи Господовиот жртвеник, со плач и ридање, зашто Тој веќе не погледнува кон приносот. Тој не му е угоден од вашите раце. И вие прашувате: „Зошто?“ Зашто Господ беше сведок меѓу тебе и жената на твојата младост, на која ѝ си неверен, иако ти беше сопруга и твоја законска жена. Не направи ли Тој едно? Освен тоа, остатокот на Духот е во него. А што е тоа едно? Тоа, што Тој бара Божјо потомство! И така, почитувај го својот дух и не биди ѝ неверен на жената на својата младост. „Зашто Јас го мразам напуштањето на жената - зборува Господ, Израелевиот Бог - и оној, кој со неверство ги валка своите облеки - говори Господ над Воинствата! И така, внимавајте на својот дух, не бидете вероломни.“