Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата. Во тој крај имаше пастири, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“ И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме претскажаниот настан што ни го соопшти Господ.“ И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом го видоа, соопштија за претскажувањето што им беше речено за Тоа Дете. И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена и Детето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.
И кога се навршија деновите за нивното очистување, според законот на Мојсеј, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господ, како што е напишано во Законот Господов дека секое првородено машко дете треба да Му се посвети на Господ; и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две гугутки или две гулапчиња. А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек, кој беше праведен и благочестив, ја очекуваше утехата Израелова; и Светиот Дух беше на него. Нему Светиот Дух му беше прорекол дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Господов. И поттикнат од Духот, дојде во храмот. Па, кога родителите Го донесоа детето Исус за да го извршат со Него она што беше вообичаено, според Законот, тој Го зеде во своите раце, Го благослови Бога и рече