Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 2:1-21

Лука 2:1-21 MK2006

Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жи­те­ли. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Па така и Јосиф, бидејќи беше од Галилеја, од градот Назарет, отиде во Јудеја, во градот Давидов, наречен Вит­леем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, неговата свршеница, која беше тешка. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив не­маше место во гостилницата. Во тој крај имаше пастири, кои но­ќеваа таму и го чуваа своето стадо. И одеднаш им пристапи ангел Господов и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу. А ангелот им рече: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли.“ И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа меѓу себе: „Да појдеме во Витлеем и да го видиме претскажаниот настан што ни го соопшти Господ.“ И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосиф со Младенецот кој лежеше во јасли. А штом го видоа, соопштија за претскажувањето што им беше речено за Тоа Дете. И сите што слушаа се восхитуваа на она што им го говореа пастирите. А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сѐ она што чуја и видоа, како што им беше речено. А кога се навршија осум дена и Де­тето требаше да Го обрезат, Му дадоа име Исус, како што беше наречено од ангелот уште пред да биде зачнат во ут­робата.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност