Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 11:14-36

Лука 11:14-36 MK2006

Еднаш истера Тој еден демон, кој беше нем, и кога демонот излезе, не­миот проговори; и народот почна да се восхитува. Тогаш некои од нив рекоа: „Тој ги изгонува демоните преку Велзевул, началникот на демоните.“ А други, испитувајќи Го, Му бараа знак од небото. Но Тој, знаејќи ги нивните помисли им рече: „Секое царство ако е поделено само против себе, запустува, и дом кој е поделен сам против себе, пропаѓа. И, ако и сатаната се поделил сам против себе, како ќе се одржи царството негово? Зашто велите дека Јас со Велзевул ги истерувам злите духови. И, ако Јас, пак, со Велзевул ги ис­те­рувам злите духови, тогаш синовите ва­ши со кого ги истеруваат? Затоа, тие ќе ви бидат судии. Ако Јас, пак, со прст Божји ги из­го­нувам демоните, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо. Кога силен, вооружен човек, го чу­ва својот двор, тогаш имотот негов е во безопасност. Но, ако некој посилен од него го нападне и победи, тој ќе му го земе сето оружје, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде. Кој не е со Мене, тој е против Ме­не; и кој не собира со Мене, тој растура. Кога нечист дух ќе излезе од чо­ве­ка, тој оди преку безводни места и бара спокојство; и не наоѓајќи, вели: ‚Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘ Па, штом дојде, го наоѓа изметен и среден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога ќе вле­зат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.“ И додека го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел!“ А Тој рече: „Навистина, ­бла­же­ни се оние што го слушаат словото Бож­јо и го чуваат.“ А на народот, што се собираше, почна да му зборува: „Овој род е зол род; бара знаци, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона; зашто, како што Јона беше знак за Ниневјаните, така и Синот Човечки ќе биде за овој род. Јужната царица ќе стане на Су­дот со луѓето од овој род и ќе ги осуди, зашто таа дојде од крај земја да ја чуе мудроста на Соломон; а ете, тука е поголем од Соломон. И Ниневјаните ќе станат на Судот со луѓето од овој род и ќе ги осудат, зашто тие се покајаа на проповедта на Јона; а ете, тука поголем од Јона. Никој, пак, не става запалено светило на сокриено место, ниту под покло­пец, туку на свеќник, за да можат да ја гледаат светлината оние што влегуваат. Твоето око е светило на твоето те­ло. Ако твоето око е здраво и чисто, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лошо, и твоето тело ќе биде тем­но; затоа внимавај светлината што е во тебе да не е темнина. Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со својот сјај.“