Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Плачот 2:7-22

Плачот 2:7-22 MK2006

Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиш­тето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господов тие се развикаа како во празничен ден. Господ реши да ги разруши ѕидовите на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени. Портите нејзини во земја потонаа; Тој ги искрши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; Законот веќе не се чита, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господ. Старешините на ќерката Сионова седат на гола земја и молчат, си ги по­сипуваат со пепел главите свои, се пре­пашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките еруса­лимски. Ми отекоа од солзи очите мои, ут­робата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот на­род, кога децата и доенчињата умираат од глад по плоштадите на Еру­салим. Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „Каде има жито и вино?“ и ги испуш­таат душите свои во мајчините прегратки. Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели? Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не го откриваа твоето беззаконие, за да те од­вратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство. Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката еруса­лимска, па велат: „Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?“ Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој ден и го че­кавме ние, го дочекавме и го видовме!“ Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, из­речен во поранешните времиња, безми­лосно го разори и го предаде на непријателот, кој ликува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели. Срцето нивно повикува кон Господ. Карпо на ќерката Сионова! Леј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои! Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; излевај го како вода срцето свое пред лицето на Господ; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици. „Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака – жените да го јадат плодот свој – децата, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свештеник и пророк? Децата и старците лежат мртви по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.“ Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господов никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.