Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Плачот 2:7-22

Плачот 2:7-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиш­тето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господов тие се развикаа како во празничен ден. Господ реши да ги разруши ѕидовите на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени. Портите нејзини во земја потонаа; Тој ги искрши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; Законот веќе не се чита, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господ. Старешините на ќерката Сионова седат на гола земја и молчат, си ги по­сипуваат со пепел главите свои, се пре­пашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките еруса­лимски. Ми отекоа од солзи очите мои, ут­робата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот на­род, кога децата и доенчињата умираат од глад по плоштадите на Еру­салим. Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „Каде има жито и вино?“ и ги испуш­таат душите свои во мајчините прегратки. Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели? Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не го откриваа твоето беззаконие, за да те од­вратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство. Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката еруса­лимска, па велат: „Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?“ Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој ден и го че­кавме ние, го дочекавме и го видовме!“ Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, из­речен во поранешните времиња, безми­лосно го разори и го предаде на непријателот, кој ликува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели. Срцето нивно повикува кон Господ. Карпо на ќерката Сионова! Леј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои! Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; излевај го како вода срцето свое пред лицето на Господ; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици. „Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака – жените да го јадат плодот свој – децата, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свештеник и пророк? Децата и старците лежат мртви по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.“ Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господов никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.

Плачот 2:7-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господ го отфрли Својот жртвеник, Му се згади Неговото Светилиште. Во рацете на непријателот ги предаде своите ѕидови и дворци. Бучеа во Господовиот Дом како на празничен ден. Господ науми да ги разурне ѕидовите на Сионската Ќерка. Го оптегна јажето за мерење, не ја задржа раката од рушење. Предните ѕидови и ѕидовите, ги завитка во тага: Нивната врата пропадна во земјата, тој им ги скрши бравите; царот и кнезовите се меѓу народите, нема Закон! Ни кај пророците веќе не се наоѓаат Господовите виденија. Старешините на Сионската Ќерка седат на земја и молчат, ја посипуваат главата со прав, препашуваат вреќишта. Кон земјата ги наведнуваат главите Ерусалимските Ќерки. Ми истекоа очите од солзи, мојата утроба се растрепери, црниот дроб ми се истури на земја заради сломот на ќерката на мојот народ, зашто децата и доенчињата умираат по раскрсниците на градот. Им зборуваат на своите мајки: „Каде се лебот и виното?“ Додека умираат како ранети по раскрсниците на градот, додека ја испуштаат својата душа на градите на своите мајки. Со што да те споредам? На кого личиш, Ерусалимска Ќерко? Со кого да те споредам, како да те утешам, девице, Сионска Ќерко? Зашто твојата несреќа е неизмерлива како морето. Кој ќе те исцели? Виденијата на твоите пророци беа измама и лага, тие не го открија твоето беззаконие за да те одвратат од заточението, те измамуваат со привиди, лажни и измамливи. Над тебе плескаат со рацете сите, кои поминуваат по патот, свират со устата и вртат со главата заради ерусалимската ќерка: „Дали е тоа градот прочуен по убавина, радост за сиот свет?“ Против тебе ја отворуваат устата сите твои непријатели, свиркаат, чкртаат со забите и велат: „Ја изедовме! Тоа е ден по кој копнееме, го доживеавме, го видовме!“ Господ ја исполни Својата замисла, го одржа Својот збор, кој го нареди во дамнешни денови: те разурна немилостиво. Непријателот ликува заради тебе, твојот противник го подигна својот рог. Викај кон Господа со сиот глас, ридај Сионска ќерко! Твоите солзи нека течат како поток дење и ноќе. Не си давај починка себеси, зеницата на твоето око нека не се одмори. Стани, викај ноќе при секоја смена на стражата. Излеј го своето срце како вода пред Господовото лице, подигај ги рацете кон Него и барај милост за своите нејаки дечиња, кои умираат од глад по аглите на улиците. Погледај, Господи, и види кому му го направи тоа. Зар жените да го јадат својот пород, децата што ги лулеат во прегратка? Зар требаа да бидат исклани во Господовото Светилиште свештениците и пророците? Во уличниот прав лежат: деца и старци; моите девици и моите момчиња паднаа од меч. Ти ги погуби во денот на Својот гнев, ти ги искла немилостиво. Ти како на свечен ден, ги повика од сите страни моите ужаси. Во денот на Господовиот гнев никој не преживеа, никој не се спаси. Тие кои што ги лулеав и што ги одгледав, мојот непријател ги истреби сите.