А Ерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израелови; никој не излегуваше и не влегуваше во него.
Тогаш му рече Господ на Исус: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце и царот негов и силните луѓе; обиколувајте го градот сите вие, способни за војна, по еднаш, и така правете шест дена; и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите од рогови. И кога трубите од рог ќе затрубат силно, веднаш штом ќе го чуете звукот од трубите, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе секој од своето место.“ Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците и им рече: „Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рогови труби пред ковчегот Господов!“ И им рече, велејќи: „Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.“ Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив. Вооружените, пак, одеа пред свештениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по ковчегот, трубеа со трубите. На народот, пак, Исус му заповеда и рече: „Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви заповедам: викајте! – и тогаш ќе викнете.“ Така ковчегот Господов тргна околу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него. Исус стана утрината рано, и свештениците го понесоа ковчегот Господов; и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот Господов и свештениците затрубија со роговите труби. И вториот ден го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена. На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати. И при седмото заобиколување свештениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: „Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот!