Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 6:1-16

Исус Навин 6:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Ерихон беше утврден и затворен поради страв од синовите Израе­лови; никој не излегуваше и не влегуваше во него. Тогаш му рече Господ на Исус: „Еве, Јас го предавам Ерихон во твои раце и царот негов и силните луѓе; обиколувајте го градот сите вие, способни за војна, по еднаш, и така пра­вете шест дена; и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седум­пати и свештениците нека трубат со трубите од рогови. И кога трубите од рог ќе затрубат силно, веднаш штом ќе го чуете звукот од трубите, целиот народ нека вос­кликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами до основата своја пред оние што викаат; и тогаш целиот народ да навлезе секој од своето место.“ Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците и им рече: „Земете го ковчегот на заветот Господов и седум свештеници нека носат седум рогови труби пред ковчегот Господов!“ И им рече, велејќи: „Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.“ Штом Исус му го кажа тоа на народот, рече и седумте свештеници, што ги имаа седумте свештени труби, да појдат и да затрубат со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив. Вооружените, пак, одеа пред свеш­тениците, кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по ковчегот, трубеа со трубите. На народот, пак, Исус му заповеда и рече: „Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден, додека не ви запо­ведам: викајте! – и тогаш ќе викнете.“ Така ковчегот Господов тргна око­лу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него. Исус стана утрината рано, и свеш­тениците го понесоа ковчегот Господов; и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот Господов и свештениците за­тру­бија со роговите труби. И вториот ден го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена. На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати. И при седмото заобиколување све­ш­тениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: „Викајте, бидејќи Господ ви го предаде градот!

Исус Навин 6:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Ерихон стоеше силно утврден и затворен пред Израелевите синови. Никој не излегуваше ниту некој влегуваше. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците. Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови. А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите. Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.“ Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.“ А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.“ И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив. Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите. А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!“ И нареди Господовиот Ковчег да обиколи еднаш околу градот, па да се вратат во логорот и да преноќеваат таму. Исус подрани утреден, и свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот. А седумте свештеници кои носеа седум труби од овновски рогови тргнаа пред Господовиот Ковчег. Одејќи трубеа во трубите, војниците одеа пред нив, а заштитницата пак зад Господовиот Ковчег, додека трубите одекнуваа. Така и на другиот ден обиколија еднаш околу градот, па се вратија назад во логорот. А на седмиот ден станаа во зората и обиколија околу градот, по истиот онаков ред, седумпати. Само во тој ден обиколија седумпати околу градот. За време на седмото обиколување свештениците затрубија силно во роговите, а Исус му рече на народот: „Извикувајте воени викотници, зашто Господ ви го предаде градот!“