Јудините синови дојдоа во Гилгал кај Исус. И му рече Халев, синот Јефунеов, од родот на Кеназ: „Ти знаеш, што му говореше Господ на Мојсеј, човекот Божји, за мене и за тебе во Кадис-Барнеа. Јас бев на четириесет години, кога Мојсеј, слугата Господов, ме прати од Кадис-Барнеа да ја разгледам земјата и му донесов одговор, она што ми беше на срцето; браќата мои, кои одеа со мене, го обесхрабрија срцето на народот, но јас точно Го следев Господа, мојот Бог; и се заколна Мојсеј во оној ден, велејќи: ‚земјата, по која одеше, ќе биде наследство за тебе и за децата твои за навек, бидејќи ти одеше точно по Господ, мојот Бог.‘ И така, ете, Господ ме запази жив, како што говореше; четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеј, и Израел одеше по пустина; сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години; но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам. Затоа, дај ми ја таа гора, за која говореше Господ во оној ден; бидејќи ти чу во тој ден дека таму живеат Анаковите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ.“ Исус го благослови и му го даде во наследство Хеврон на Јефунеовиот син Халев. Затоа Хеврон остана и до денес во наследство на Јефунеовиот син Халев, од Кеназиевиот род, бидејќи постојано се покоруваше на заповедите од Господ, Израеловиот Бог.