По смртта на Мојсеј, слугата Господов, Господ му рече на Навиновиот син Исус, служител на Мојсеј, велејќи: „Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку реката Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, што Јас им ја давам, на синовите Израелови. Секое место, на кое ќе стапнат стапалата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеј: од пустината и од Ливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хитиска, и до Големото Море на запад ќе бидат ваши предели. Никој нема да ти се спротивстави во текот на сите денови од твојот живот; и како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам, ниту ќе те презрам. Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам; само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сѐ што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш. Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај, зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“
Тогаш Исус им заповеда на народните управители и рече: „Влезете меѓу народот и заповедајте им на луѓето и кажете им: ‚пригответе си храна за пат, зашто по три дена ќе ја минете реката Јордан, и ќе влезете да ја преземете земјата, која Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство.‘“ А на племето Рувимово, Гадово и на половината од Манасиевото племе, Исус им рече: „Спомнете си, што ви заповеда Мојсеј, слугата Господов, велејќи: ‚Господ, вашиот Бог ве успокои и ви ја даде оваа земја; вашите жени, вашите деца и вашиот добиток нека останат во земјата, што Мојсеј ви ја даде од оваа странана Јордан; а вие храбрите, што можете да војувате, тргнете вооружени пред браќата ваши и помагајте им, додека Господ, не ги успокои браќата ваши, како и вас; додека и тие не ја наследат таа земја, која Господ, вашиот Бог, им ја дава; тогаш вратете се во наследството свое и земете ја земјата, која Мојсеј, слугата Господов, ви ја даде од оваа страна на Јордан, каде изгрева сонцето.‘“ Тие му одговорија на Исус: „Сѐ што ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да не праќаш, ќе одиме; како што го слушавме Мојсеј, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеј; секој, што ќе се противи на твојата заповед и нема да ги послуша твоите зборови за сѐ, што ќе му заповедаш, ќе биде погубен. Само биди цврст и храбар!“