Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 1:1-18

Исус Навин 1:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По смртта на Мојсеј, слугата Господов, Господ му рече на Нави­новиот син Исус, служител на Мојсеј, велејќи: „Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку реката Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, што Јас им ја давам, на синовите Израелови. Секое место, на кое ќе стапнат ста­палата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеј: од пустината и од Ливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хитиска, и до Големото Море на запад ќе бидат ваши предели. Никој нема да ти се спротивстави во текот на сите денови од твојот живот; и како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам, ниту ќе те презрам. Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во нас­ледство за која им се заколнав на тат­ковците нивни дека ќе им ја дадам; само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во сѐ што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напи­шано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш. Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај, зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“ Тогаш Исус им заповеда на народните управители и рече: „Влезете меѓу народот и заповедај­те им на луѓето и кажете им: ‚при­гответе си храна за пат, зашто по три дена ќе ја минете реката Јордан, и ќе влезете да ја преземете земјата, која Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство.‘“ А на племето Рувимово, Гадово и на половината од Манасиевото племе, Исус им рече: „Спомнете си, што ви заповеда Мој­сеј, слугата Господов, велејќи: ‚Гос­под, вашиот Бог ве успокои и ви ја даде оваа земја; вашите жени, вашите деца и ва­ши­от добиток нека останат во земјата, што Мојсеј ви ја даде од оваа странана Јордан; а вие храбрите, што можете да војувате, тргнете вооружени пред бра­ќата ваши и помагајте им, додека Господ, не ги успокои бра­ќата ваши, како и вас; додека и тие не ја наследат таа земја, која Господ, вашиот Бог, им ја дава; тогаш вратете се во наследството свое и земете ја земјата, која Мојсеј, слугата Господов, ви ја даде од оваа страна на Јордан, каде изгрева сонцето.‘“ Тие му одговорија на Исус: „Сѐ што ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да не праќаш, ќе одиме; како што го слушавме Мојсеј, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеј; секој, што ќе се противи на твојата заповед и нема да ги послуша твоите зборови за сѐ, што ќе му заповедаш, ќе биде погубен. Само биди цврст и хра­бар!“

Исус Навин 1:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По смртта на Господовиот слуга, Мојсеј, Господ му рече на Исуса, синот Навинов, на Мојсеевиот помошник: „Мојот слуга Мојсеј почина; затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови. Секое место на кое ќе стапне вашата нога ви го давам, како што му ветив на Мојсеја. Од пустината и од Ливан па до Големата Река, реката Еуфрат, целата земја на Хетејците, и сѐ до Големото Море на сончевиот запад - сѐ тоа ќе биде ваше подрачје. Никој не ќе одолее пред тебе во сите дни на твојот живот; јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеја, и никогаш нема да те напуштам ниту ќе те оставам. Биди одлучен и храбар, зашто ти ќе го воведеш овој народ за да ја прими во наследство земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам. Само биди одлучен и храбар за да направиш сѐ верно според наредбите што ти ги даде Мојсеј, Мојот слуга. Не свртувај од тоа ни десно ни лево, за да ти биде среќно сѐ што ќе преземеш. Книжниот свиток на Законот нека биде на твојата уста: размислувај за него дење и ноќе, за да пазиш верно сѐ што е напишано во него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите. Нели ти заповедав: биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог.“ Тогаш Исус им заповеда на народните главатари: “Поминете низ логорот и разгласете му ја на народот оваа заповед: ‘Пригответе си храна, зашто по три дни ќе преминете преку Јордан, за да ја примите во сопственост земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство.’“ Потоа Исус им рече на племето Рувимово и Гадово и на половина Манасиево племе: “Сетете се за она што ви нареди Мојсеј, Господовиот слуга, кога ви рече: ‘Господ, вашиот Бог, сака да се одморите, и ви ја дава оваа земја.’ Вашите жени, деца и стада можат да останат во земјата, која ви ја даде Мојсеј од онаа страна на Јордан. Вие пак воините, спремни за бој, треба да тргнете вооружени пред своите браќа за да им помогнете, сѐ додека Господ не им даде починка и на вашите браќа, како и вам, и додека не ја освојат земјата, што им ја дава Господ, вашиот Бог. Тогаш ќе можете да се вратите во земјата што ви припаѓа и што ви ја даде Господовиот слуга Мојсеј, на другата страна на Јордан, кон изгрејсонцето.“ Тие му одговорија на Исуса: „Сѐ што ќе ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да нѐ пратиш, ќе тргнеме. Како што го слушавме Мојсеја, така ќе ти се покоруваме и тебе. Само Господ, твојот Бог, нека биде со тебе, како што беше со Мојсеја! Секој кој ќе им се спротиви на твоите заповеди и не ги послуша твоите зборови во сѐ што ќе му наредиш, нека биде погубен. Само ти биди решителен и храбар!“