Така вели Господ: еве, Јас ќе подигнам уривачки ветар против Вавилон и против Моите противници, што живеат во него; и ќе испратам против Вавилон веачи, што ќе го развеат, и ќе ја опустошат земјата негова, бидејќи во кобниот ден за него ќе нападнат врз него од сите страни; стрелец нека оптегне лак на стрелец, и против оној, што се гордее со својот оклоп; не штедете ги младите негови, сотрете ја целата војска негова. Удрените нека паднат на халдејската земја и стреланите – по патиштата нејзини. Зашто, не е оставен Израел сам, ниту Јуда, од својот Бог, Господ Саваот, иако им е земјата полна со гревови пред Светецот Израелов. Бегајте од Вавилон и секој нека ја спасува душата своја, за да не загине од беззаконијата негови, зашто тоа е време на одмазда за Господ: Тој му отплатува како што заслужил. Вавилон беше во раката Господова како златна чаша, што ја опиваше целата земја; народите пиеја од неа вино, и обезумуваа. Ненадејно падна Вавилон и се скрши; плачете за него, земете балсам за раните негови, можеби тој и ќе оздрави. Го лекувавме Вавилон, но не оздраве; оставете го, и да си одиме секој во земјата своја, бидејќи пресудата за него стигна до небесата и се дигна до облаците. Господ ја изведе на видело нашата правда; да појдеме и да го соопштиме во Сион делото на нашиот Господ Бог.
Острете ги стрелите, ставете ги во торбите за нив; Господ го поттикна духот на царевите од Мидија; бидејќи Тој науми нешто против Вавилон, за да го уништи, зашто тоа е одмазда од Господ, одмазда за Неговиот храм. Дигнете знамиња на вавилонските ѕидови, засилете го надзорот, поставете стражи, пригответе заседи, зашто, како што замислил Господ, така и ќе го направи она што го изрече против жителите вавилонски. О, ти, што живееш покрај големите води, кој изобилуваш со ризници, дојде крајот твој, и на твојата лакомост! Господ Саваот се заколна Сам во Себе: вистина велам дека ќе те исполнам со луѓе како со скакулци, и ќе подигнам воен повик против тебе.