Еремија 51:1-14
Еремија 51:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Така вели Господ: еве, Јас ќе подигнам уривачки ветар против Вавилон и против Моите противници, што живеат во него; и ќе испратам против Вавилон веачи, што ќе го развеат, и ќе ја опустошат земјата негова, бидејќи во кобниот ден за него ќе нападнат врз него од сите страни; стрелец нека оптегне лак на стрелец, и против оној, што се гордее со својот оклоп; не штедете ги младите негови, сотрете ја целата војска негова. Удрените нека паднат на халдејската земја и стреланите – по патиштата нејзини. Зашто, не е оставен Израел сам, ниту Јуда, од својот Бог, Господ Саваот, иако им е земјата полна со гревови пред Светецот Израелов. Бегајте од Вавилон и секој нека ја спасува душата своја, за да не загине од беззаконијата негови, зашто тоа е време на одмазда за Господ: Тој му отплатува како што заслужил. Вавилон беше во раката Господова како златна чаша, што ја опиваше целата земја; народите пиеја од неа вино, и обезумуваа. Ненадејно падна Вавилон и се скрши; плачете за него, земете балсам за раните негови, можеби тој и ќе оздрави. Го лекувавме Вавилон, но не оздраве; оставете го, и да си одиме секој во земјата своја, бидејќи пресудата за него стигна до небесата и се дигна до облаците. Господ ја изведе на видело нашата правда; да појдеме и да го соопштиме во Сион делото на нашиот Господ Бог. Острете ги стрелите, ставете ги во торбите за нив; Господ го поттикна духот на царевите од Мидија; бидејќи Тој науми нешто против Вавилон, за да го уништи, зашто тоа е одмазда од Господ, одмазда за Неговиот храм. Дигнете знамиња на вавилонските ѕидови, засилете го надзорот, поставете стражи, пригответе заседи, зашто, како што замислил Господ, така и ќе го направи она што го изрече против жителите вавилонски. О, ти, што живееш покрај големите води, кој изобилуваш со ризници, дојде крајот твој, и на твојата лакомост! Господ Саваот се заколна Сам во Себе: вистина велам дека ќе те исполнам со луѓе како со скакулци, и ќе подигнам воен повик против тебе.
Еремија 51:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господ зборува вака: „Ете, Јас подигам против Вавилон и против халдејските жители погубувачки ветер. Ќе испратам во Вавилон вејачи за да го веат и да ја просеат неговата земја низ решето. Кога ќе го опколат од сите страни во кобниот ден, стрелецот нека не го остава настрана лакот, нека не го соблекува оклопот! Не штедете ги нивните младинци, уништете му ја сета војска! Убиените ќе паѓаат по Халдејската Земја, прободени по неговите улици. Не, Израел - Јудеја - не е вдовица на својот Бог, Господ над Воинствата, иако е нивната земја полна со гревови, против Израелевиот Светец.“ Бегајте од Вавилон, секој нека го спаси својот живот, за да не изгине заради неговото беззаконие, зашто ова е време на Господовата одмазда, секому му плаќа според заслугата! Вавилон беше златна чаша во Господовата рака, чаша што го испијани целиот свет. Со тоа вино народите се испијанија, и затоа народите се избезумија. Одненадеж падна Вавилон, разрушен: затажете над него! Побарајте балсам за неговата рана: можеби ќе оздрави! Го лечевме Вавилон, ама не се исцели. Да го пуштиме, да се вратиме секој во својот крај! Зашто неговата пресуда допира до небото и се дига под облаците. Господ ја изнесе нашата правда! Ајде да му го објавиме на Сион делото на Господа, нашиот Бог. Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм. Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон. О ти што престојуваш крај големите води и што си богат со секакви блага! Сега ти дојде свршеникот, крајот на твојата лакомост. Со Својот живот се заколна Господ над Воинствата: „Ќе те наполнам со луѓе како со скакулци, ќе се надигне против тебе бојна викотница.“