И дојде слово Господово до Еремија: Еве, Јас сум Господ, Бог на секое тело; има ли нешто, што не е можно за Мене? Затоа, вака вели Господ: еве, Јас го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор, и тој ќе го преземе, и ќе влезат Халдејците, што го опсадуваат овој град, ќе го запалат градот со оган и ќе го изгорат него и куќите, под чии стреи се вознесувало кадење на Ваал и се извршувал прелив на туѓи богови, за да Ме разгневуваат. Зашто синовите Израелови и синовите Јудини уште од младоста своја само зло вршеа пред очите Мои; синовите Израелови Ме разгневуваа со делата на рацете свои, вели Господ. И како само заради Мојот гнев и заради Мојата јарост да постоеше овој град од денот на неговото основање па сѐ до денес, за да го отфрлам од лицето Свое, за сето зло на синовите Израелови и на синовите Јудини, кои, за да Ме разгневуваат, го правеа тие – царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни, пророците нивни, луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим. Па Ми го свртеа грбот, наместо лицето и, кога ги учев, ги учев од рано утро, но тие не сакаа да примаат поука, и во домот, во кој се призива името Мое, ги поставија своите гнасни работи и го осквернија. Во долината на Хиномовите синови изградија паганско светилиште на Ваал, за да ги преведуваат низ оган синовите свои и ќерките свои во чест на Молох, што не сум им заповедал, и на ум не ми идело дека тие ќе ги вршат тие гнасни работи, воведувајќи го Јуда во грев. Но сега, вака вели Господ, Бог Израелов, за овој град, за кој вие велите: „Со меч, глад и помор се предава во рацете на вавилонскиот цар“, еве, Јас ќе ги соберам од сите страни, во кои бев ги расеал во гневот Свој, во јароста Своја и во големото негодување, па ќе ги вратам на ова место и ќе им дозволам да живеат безопасно. Тие ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам Бог. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се плашат од Мене во текот на сиот свој живот, за нивно добро и за доброто на децата нивни по нив. Па ќе склучам со нив вечен завет, според кој нема да се одвратам од нив и ќе им правам добрини, и ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не се одметнуваат од Мене. И ќе се радувам за нив, правејќи им добро, и ќе ги засадам цврсто на оваа земја – од сѐ срце и од сета душа. Зашто вака вели Господ: како што го испратив ова големо зло врз оној народ, така ќе испратам врз нив секакво добро што го изреков за нив. И тие ќе купуваат ниви во оваа земја, за која велат: „Тоа е пустина, без луѓе, без добиток; таа е предадена во рацете на Халдејците;“ ќе купуваат ниви за пари, ќе потпишуваат купопродажни договори, ќе ги запечатуваат и ќе повикуваат сведоци – во земјата на Венијамин, во ерусалимската околина и во градовите на Јуда, во планинските градови, во градовите на полето и во јужните градови; бидејќи ќе ги вратам заробените нивни, вели Господ.