Еремија 32:26-44
Еремија 32:26-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И дојде слово Господово до Еремија: Еве, Јас сум Господ, Бог на секое тело; има ли нешто, што не е можно за Мене? Затоа, вака вели Господ: еве, Јас го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор, и тој ќе го преземе, и ќе влезат Халдејците, што го опсадуваат овој град, ќе го запалат градот со оган и ќе го изгорат него и куќите, под чии стреи се вознесувало кадење на Ваал и се извршувал прелив на туѓи богови, за да Ме разгневуваат. Зашто синовите Израелови и синовите Јудини уште од младоста своја само зло вршеа пред очите Мои; синовите Израелови Ме разгневуваа со делата на рацете свои, вели Господ. И како само заради Мојот гнев и заради Мојата јарост да постоеше овој град од денот на неговото основање па сѐ до денес, за да го отфрлам од лицето Свое, за сето зло на синовите Израелови и на синовите Јудини, кои, за да Ме разгневуваат, го правеа тие – царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни, пророците нивни, луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим. Па Ми го свртеа грбот, наместо лицето и, кога ги учев, ги учев од рано утро, но тие не сакаа да примаат поука, и во домот, во кој се призива името Мое, ги поставија своите гнасни работи и го осквернија. Во долината на Хиномовите синови изградија паганско светилиште на Ваал, за да ги преведуваат низ оган синовите свои и ќерките свои во чест на Молох, што не сум им заповедал, и на ум не ми идело дека тие ќе ги вршат тие гнасни работи, воведувајќи го Јуда во грев. Но сега, вака вели Господ, Бог Израелов, за овој град, за кој вие велите: „Со меч, глад и помор се предава во рацете на вавилонскиот цар“, еве, Јас ќе ги соберам од сите страни, во кои бев ги расеал во гневот Свој, во јароста Своја и во големото негодување, па ќе ги вратам на ова место и ќе им дозволам да живеат безопасно. Тие ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам Бог. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се плашат од Мене во текот на сиот свој живот, за нивно добро и за доброто на децата нивни по нив. Па ќе склучам со нив вечен завет, според кој нема да се одвратам од нив и ќе им правам добрини, и ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не се одметнуваат од Мене. И ќе се радувам за нив, правејќи им добро, и ќе ги засадам цврсто на оваа земја – од сѐ срце и од сета душа. Зашто вака вели Господ: како што го испратив ова големо зло врз оној народ, така ќе испратам врз нив секакво добро што го изреков за нив. И тие ќе купуваат ниви во оваа земја, за која велат: „Тоа е пустина, без луѓе, без добиток; таа е предадена во рацете на Халдејците;“ ќе купуваат ниви за пари, ќе потпишуваат купопродажни договори, ќе ги запечатуваат и ќе повикуваат сведоци – во земјата на Венијамин, во ерусалимската околина и во градовите на Јуда, во планинските градови, во градовите на полето и во јужните градови; бидејќи ќе ги вратам заробените нивни, вели Господ.
Еремија 32:26-44 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш ми дојде Господово слово: „Ете, Јас Сум Господ, Бог на секое тело! Мене ништо не Ми е невозможно!“ Затоа - говори Господ - го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе го заземе. Во него ќе влезат Халдејците, кои се борат против овој град, ќе го уништат со оган и ќе го изгорат заедно со куќите, на чии покриви му палеа темјан на Ваала и им лееја налевници на туѓите богови, разгневувајќи Ме Мене. Зашто Израелевите синови и Јудините синови од младост прават само зло пред Моите очи. Навистина, Израелевите синови без прекратување Ме гневат со делата на своите раце - говори Господ. Навистина, овој град само Ми е за гнев и расрденост откако е изграден па до денешниот ден, та треба да го отстранам од пред Своето лице заради сето беззаконие што го направија Израелевите синови и Јудините синови, разгневувајќи Ме - тие и нивните цареви, кнезови и свештеници и пророци, Јудејците и Ерусалимците. Ми ги свртија плеќите, а не своето лице, иако се трудев неуморно да ги поучам, ама не Ме слушаа ниту ја примија Мојата наука. Поставија грозотии во Домот, што е наречен со Моето Име, за да го обесветат. Му подигнаа високи места на Ваала во Долината Бен Еном, и своите синови и ќерки му ги поминуваа низ оган на Молоха - што Јас никогаш не им заповедав; ни на ум не Ми падна да прават такви гадости, ниту би го пуштил Јуда во таков грев. Сепак, вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за тој град за кого што вие велите дека ќе падне од меч, од глад и од помор, во рацете на вавилонскиот цар: ‘Еве, Јас ќе ги соберам од сите земји во кои ги протерав - во Својот гнев и јарост - и ќе ги вратам на ова место за да живеат тука спокојно. И тие ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивни Бог. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во сите дни, за своја среќа и за среќата на своите деца. И ќе склучам со нив вечен Завет, никогаш веќе не ќе се одвратам од нив и секогаш ќе им правам добро; ќе им го посадам во срцето Својот страв, за да не се одметнат никогаш веќе од Мене. И ќе се радувам правејќи им добро; и цврсто ќе ги засадам во оваа земја, со сето Свое срце и со сета Своја душа.’ Зашто Господ зборува вака: ‘Како што врз овој народ ја доведов сета оваа страшна несреќа, така врз нив ќе ја доведам сета среќа што им ја ветив. Да, пак ќе се купуваат ниви во оваа земја за која што вие велите: „Ова е пустина, без човек и без животинче, предадена на милост и немилост на Халдејците!“ Нивите ќе се купуваат за сребреници, ќе се пишуваат и ќе се запечатуваат купопродажни договори, ќе бидат повикувани сведоци во Венијаминовата Земја и во околината на Ерусалим. Во Јудините градови и во градовите на Горјето, на Шефел, на Негев, зашто ќе ја изменам нивната судбина’ - говори Господ.“