Слово Господово што дојде до Еремија во десеттата година на јудејскиот цар Седекија; таа година беше осумнаесеттата година на Навуходоносор. Тогаш војската на вавилонскиот цар го опсадуваше Ерусалим, а пророкот Еремија беше затворен во стражарницата, што се наоѓаше во дворецот на јудејскиот цар. Јудејскиот цар Седекија го затвори таму, откако рече: „Зошто пророкуваш и велиш – така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе; и Седекија, јудејскиот цар, нема да избега од рацете на Халдејците, туку бездруго ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и ќе зборува со него уста во уста, и очите негови ќе ги видат неговите очи; и тој ќе го одведе Седекија во Вавилон, каде што и ќе остане, додека не го посетам, вели Господ. Ако се борите против Халдејците, нема да победите?“ И рече Еремија: такво беше словото Господово до мене. Еве, Анамеил синот на твојот чичко Селум, доаѓа кај тебе да ти каже: купи ја нивата моја, што се наоѓа во Анатот, зашто, според родбинското право, тебе ти се паѓа да ја купиш. И Анамеил, синот на мојот чичко, дојде кај мене, според словото Господово, во стражарницата и ми рече – купи ја мојата нива во Анатот, во земјата на Венијамин, зашто правото на наследство е твое и куповното право е твое: купи ја. Тогаш разбрав дека тоа беше слово Господово. И ја купив од Анамеил, синот на мојот чичко, нивата во Анатот, и му ја платив цената: седум шекели и десет парчиња сребро. И направив договор, му удрив печат, повикав потоа сведоци и среброто го измерив на вага. Па ја зедов потврдата за купопродажба, запечатена според законот, и наредбата, и отворената копија и му ја дадов потврдата за купување на Варух, синот на Нерија, син на Махсеја, пред очите на Анамеил, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата; и му заповедав на Варух во нивно присуство; вака вели Господ Саваот, Бог Израелов – земи ја оваа книга, договоров за купопродажба, кој е запечатен и оваа отворена книга, и стави ги во глинен сад, за да останат таму долго време. Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: во оваа земја пак ќе се купуваат куќи, ниви и лозја.
И откако му ја предадов на Нириевиот син Варух купопродажната потврда, јас Му се помолив на Господ: „О, Господи Боже, Ти го создаде небото и земјата со силата Твоја голема и со крената рака; за Тебе не постои ништо невозможно; Ти покажуваш милост на илјадници и за гревовите на татковците нивни им отплаќаш на децата нивни по нив: Боже Велики, Силни, на Кого името Му е Господ Саваот. Голем по мудрост и силен според делата, Чии очи се отворени врз сите патишта на синовите човечки, за да отплатува секому според патиштата негови и според плодовите на делата негови, Кој изврши чудеса и покажа знаци во земјата египетска, а извршуваш и до денес во Израел и меѓу сите луѓе, и си создаде име, како во оној ден, па го изведе Твојот народ Израел од земјата египетска со знаци и чудеса, со силна рака и крената десница и со голем страв. И им ја даде оваа земја, која со клетва им ја беше ветил на предците нивни дека ќе им ја дадеш, земја, каде што тече мед и млеко. Тие влегоа и ја присвоија, но не го слушаа гласот Твој и не одеа по законот Твој, не вршеа што им беше заповедал Ти да прават, па поради тоа Ти го испрати врз нив сево ова зло. Еве, насипите дојдоа до градот, за да го преземат; и од меч, глад и помор градот ќе се предаде во рацете на Халдејците, кои се борат против него; сѐ што рече Ти, се исполнува, и, еве, Ти го гледаш тоа. Ти, Господи Боже, ми рече: купи си нива за пари и повикај сведоци, иако градот се предава во рацете на Халдејците.“