Тешко им на пастирите, што ги погубуваат и растураат овците на Моето стадо, вели Господ. Затоа вака вели Господ, Бог Израелов, кон пастирите, кои го пасат народот Мој: вие ги растуривте овците Мои, ги упропастивте и не се грижите за нив; еве, Јас ќе ве казнам за вашите злосторства, вели Господ. И ќе го соберам остатокот од Моето стадо, од сите земји каде што ги бев изгонил, и ќе ги вратам во трлата нивни, па ќе се плодат и ќе се размножуваат. И ќе поставам над нив пастири, што ќе ги пасат, и тие нема веќе да се плашат, ниту ќе треперат и нема да се губат, вели Господ. Еве, доаѓа времето, вели Господ, и ќе му издигнам на Давид фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата. Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израел ќе живее безопасно; и еве, – Неговото име со кое ќе Го именуваат е „Господ – Нашата правда!“ Затоа, еве, идат дните, вели Господ, кога веќе нема да се зборува: „Жив Господ, Кој ги изведе синовите Израелови од земјата египетска“, туку „Да е жив Господ, Кој го изведе и Кој го доведе племето на домот Израелов од северната земја и од сите земји, каде што ги беше изгонил“, и тие ќе живеат во земјата своја.