Израеловите синови пак правеа зло пред Господ, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за време од четириесет години. Во тоа време имаше еден човек од Цора, од Дановото племе, по име Маној; жена му беше неплодна и немаше деца. И ангел Господов ѝ се јави на жената и ѝ рече: „Ете, ти си неплодна и немаш деца; но ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа пази се, не пиј вино и друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто; зашто, ете, ќе зачнеш и ќе родиш син, и брич нема да ја допре главата негова, зашто од самата мајчина утроба тоа младенче ќе биде назир Божји, и ќе почне да го спасува Израел од рацете на Филистејците.“ Жената дојде и му кажа на мажот свој, велејќи: „Човек Божји дојде кај мене, и лицето му беше како лице на ангел Божји, многу страшно; јас не го прашав од каде е, и тој не ми го кажа името свое; тој ми рече: ‚ете, ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа не пиј вино и друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто, бидејќи детето од самата мајчина утроба па до смртта своја ќе биде посветено на Бога.‘“ И Маној Му се помоли на Господ и рече: „Господи! Нека дојде пак кај нас човекот Божји што си го испратил, и нека нѐ научи како да постапиме со детето што ќе се роди.“ Бог ја слушна молитвата на Маној, и ангелот Божји пак дојде кај жената, кога таа беше во полето, а Маној, мажот нејзин, не беше со неа. Жената во тој момент потрча и му јави на мажот свој и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој порано дојде кај мене.“ Маној стана и тргна со жена си, и дојде кај оној човек и му рече: „Ти ли си човекот што говорел со оваа жена?“ И тој рече: „Јас.“ И рече Маној: „И така, нека се исполни зборот твој, но како да постапуваме со тоа дете, и што да правиме со него?“ Ангелот Господов му кажа на Маној: „Нека се чува тој од сѐ она, за кое ѝ говорев на жената; нека не јаде ништо од она што лозата го раѓа; нека не пие вино и друг алкохолен пијалак, да не јаде ништо нечисто и да внимава на сѐ што ѝ заповедав.“ А Маној му рече на ангелот Господов: „Дозволи ми да те задржам, додека да зготвиме јаре.“ Ангелот Господов му рече на Маној: „И да ме задржиш, јас нема да јадам твој леб; ако, пак, сакаш да Му принесеш жртва на Господ, принеси Му.“ Маној не знаеше дека е тоа ангел Господов. Маној пак го праша ангелот Господов: „Како ти е името, за да те прославам, кога ќе се исполни зборот твој.“ Ангелот Господов му одговори: „Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудно.“ И го зеде Маној јарето и лебниот принос и Му ги принесе на Господ врз камен. И Тој изврши чудо, кое го видоа Маној и неговата жена. Кога почна пламенот да се издига од жртвеникот кон небото, ангелот Господов се издигна во жртвениот пламен. Откако го видоа тоа, Маној и жената негова паднаа ничкум на земјата. И ангелот Господов стана невидлив за Маној и жената негова. Тогаш Маној дозна дека тоа беше ангел Господов. И ѝ рече Маној на жената своја: „Бездруго ќе умреме, бидејќи Го видовме Бога.“ Жената му рече: „Ако Господ сакаше да нѐ умртви, не би примил од рацете наши жртва сепаленица и лебен принос, и не би ни го покажал сето она, а сега не би ни го открил ова.“ И жената роди син и го нарече со името Самсон. И детето растеше, и Господ го благословуваше. И Духот Господов почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Цора и Ештаол.