Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 2:1-26

Јаков 2:1-26 MK2006

Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата! Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека, па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“, зарем со тоа не покажувате пристрасност, и не станувате судии со лоши помисли? Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат? А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови? Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле? Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите. Но, ако сте пристрасни, грев пра­ви­те; и Законот ве осудува како престапници. Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ. Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот. Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата. Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот. Каква е ползата, браќа мои, ако не­кој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – как­ва полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја сво­ја­та вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера. Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и злите духови веруваат, а треперат. Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела беше оправдан Авра­ам, нашиот татко, откако врз жртве­ни­кот го положи својот син Исак? Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена? И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се на­рече – пријател Божји. Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат? Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.