Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 2:1-26

Јаков 2:1-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Пријатели мои, ако имате вера во нашиот славен Господ Исус Христос, нема да се однесувате спрема едни луѓе подобро, а спрема други полошо. Да претпоставиме дека на вашата богослужба доаѓа човек со златни прстење на раката, облечен во убава облека, а влегува и сиромашен човек во одрпана облека. Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“, зарем со тоа не ги двоите луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!? Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го сакаат? А вие ги презирате сиромашните! Кој ве измачува, кој ве влечка по судови? Токму богатите! Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите? Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси.“ Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници. Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон. Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот. Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува! Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата. Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси? Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна. Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!? Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера. Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера. Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв! Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист!? Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот? Гледате ли дека неговата вера беше сообразена со неговите постапки? Со таа своја постапка тој потврди дека има совршена вера. Токму на тоа се мисли кога Светото Писмо вели: „Авраам Му веруваше на Бог и заради неговата вера Бог го прогласи за праведник“, па го нарече и Свој пријател. Значи, очигледно е дека човек станува праведен пред Бог преку своите постапки, а не само преку вера. Така беше и со блудницата Рахаба. Бог ја прифати како праведна, зашто таа ги прифати израелските разузнавачи и ги упати на безбеден излез. Како што телото без дух е мртво, така и верата без соодветни дела е мртва.

Јаков 2:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата! Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека, па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“, зарем со тоа не покажувате пристрасност, и не станувате судии со лоши помисли? Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат? А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови? Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле? Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите. Но, ако сте пристрасни, грев пра­ви­те; и Законот ве осудува како престапници. Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ. Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот. Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата. Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот. Каква е ползата, браќа мои, ако не­кој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – как­ва полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја сво­ја­та вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера. Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и злите духови веруваат, а треперат. Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела беше оправдан Авра­ам, нашиот татко, откако врз жртве­ни­кот го положи својот син Исак? Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена? И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се на­рече – пријател Божји. Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат? Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.

Јаков 2:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој! Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека, па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!“ а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“ или „Седни до моето подножје.“ Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?“ Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат? А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата? Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени? Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“- добро правите. Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници. Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сѐ. Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!“ рекол и: „Не убивај!“ Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот. Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата. Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна, па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“ а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата? Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела. Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат. Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва? Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.“ Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера. Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат? Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.