Еве го Мојот Слуга, Кого Го поддржувам, Мојот Избраник, љубимецот на душата Моја. Ќе Го положам Духот Свој врз Него, и Тој ќе им донесе правда на народите; нема да викне, ниту да го подигне гласот Свој, нема да дозволи да го чујат на улиците; скршената трска нема да ја здроби, и чадливата ламба нема да ја угасне; ќе суди според вистината; нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не воспостави правда, народите ќе се надеваат на Неговиот закон. Така вели Господ Бог, Кој ги создал небесата и нивното пространство, Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа. Јас, Господ, Те повикав во правда, цврсто ќе Те држам за рака и ќе Те пазам, ќе те поставам за завет на народот, светлина за незнабошците, за да им ги отвориш очите на слепите, да ги изведеш врзаните од затвор и оние што седат во темнина – од темнината. Јас сум Јахве, тоа е Моето име, и нема да ја дадам славата Своја на друг, ниту честа Своја на идоли. Ете, претскажаното порано се збидна, и ново ќе ви објавам; пред да стане тоа, Јас ќе ви го објавам.
Пејте Му на Господ нова песна, похвала за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ што го полни, островите и оние што живеат на нив. Нека издигне глас пустината и нејзините градови, населбите, каде што живеат Кедарци; нека ликуваат оние што живеат во Сала, нека воскликнуваат од врвовите планински. Нека Му оддадат слава на Господ, похвалата Негова нека ја разгласат по островите. Господ ќе излезе како јунак, ревноста ќе ја побуди како војник; ќе извика и ќе подигне војнички вик; ќе се покаже силен против непријателите Свои.