Исаија 42:1-13
Исаија 42:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еве го Мојот Слуга, Кого Го поддржувам, Мојот Избраник, љубимецот на душата Моја. Ќе Го положам Духот Свој врз Него, и Тој ќе им донесе правда на народите; нема да викне, ниту да го подигне гласот Свој, нема да дозволи да го чујат на улиците; скршената трска нема да ја здроби, и чадливата ламба нема да ја угасне; ќе суди според вистината; нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не воспостави правда, народите ќе се надеваат на Неговиот закон. Така вели Господ Бог, Кој ги создал небесата и нивното пространство, Кој ја раширил земјата со нејзините производи, Кој му дава здив на народот што е на неа, и дух на оние што одат по неа. Јас, Господ, Те повикав во правда, цврсто ќе Те држам за рака и ќе Те пазам, ќе те поставам за завет на народот, светлина за незнабошците, за да им ги отвориш очите на слепите, да ги изведеш врзаните од затвор и оние што седат во темнина – од темнината. Јас сум Јахве, тоа е Моето име, и нема да ја дадам славата Своја на друг, ниту честа Своја на идоли. Ете, претскажаното порано се збидна, и ново ќе ви објавам; пред да стане тоа, Јас ќе ви го објавам. Пејте Му на Господ нова песна, похвала за Него од земните краишта, вие што пловите по море, и сѐ што го полни, островите и оние што живеат на нив. Нека издигне глас пустината и нејзините градови, населбите, каде што живеат Кедарци; нека ликуваат оние што живеат во Сала, нека воскликнуваат од врвовите планински. Нека Му оддадат слава на Господ, похвалата Негова нека ја разгласат по островите. Господ ќе излезе како јунак, ревноста ќе ја побуди како војник; ќе извика и ќе подигне војнички вик; ќе се покаже силен против непријателите Свои.
Исаија 42:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Еве Го Мојот Слуга Кого Го поткрепувам, Мојот Избраник, мил на Мојата душа. Го излеав Својот Дух на Него, за да им донесува право на народите. Тој не вика, Тој не го крева гласот, ниту може да се чуе по улиците. Тој не ја крши напукнатата трска ниту ја гасне светилката што тлее. Верно Тој донесува правда, не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.“ Вака зборува Господ, Бог, Кој ги создаде и ги оптегна небесата, Кој ја распростре земјата и нејзините растенија, Кој им дава здив на народите на неа, и здив на суштествата што одат по неа. „Јас, Господ, те повикав во правда, те зедов цврсто за рака; те вообличив и те поставив за Завет на народот и за светлина на племињата, за да им ги отвориш очите на слепите, за да ги извадиш затворениците од темницата, од темнината оние што живеат во мрак. Јас, Господ Ми е Име, не му ја давам Мојата Слава на друг, ниту Својата чест на киповите. Што прореков порано, ете, се збидна, и нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам.“ Пејте Му на Господа нова песна и Негова фалба од крајот на земјата, нека Го слави морето со сѐ што е во него, островите и нивните жители! Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови! Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите! Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател.