Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 37:1-36

Создавање 37:1-36 MK2006

Јаков живееше во земјата, во која беше доселен неговиот тат­ко Исак, во земјата хананска. Еве го животот на синовите на Ја­ков: кога беше на седумнаесетгодиш­на возраст Јосиф го пасеше добитокот со браќата свои, со синовите на Билха и со синовите на Зелфа, жените на неговиот татко. Јосиф му носеше лоши гласови на својот татко за нив. А Израел го сакаше Јосиф повеќе од сите свои синови, зашто му се роди на стари години; и му направи шарена облека. А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите свои синови, го замразија, така што не мо­жеа со него да зборуваат љубезно. Притоа Јосиф сони сон и им го рас­кажа на своите браќа, а тие го замразија уште повеќе. И им рече: „Чујте го сонот што го со­нив: врзуваме снопје во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на мојот сноп.“ Тогаш браќата му рекоа: „Зарем ти ќе царуваш над нас? Зарем ти ќе владееш над нас?“ Затоа уште повеќе го замразија, поради неговите соништа и поради неговите зборови. Потоа тој сони и втор сон, и им го раскажа и на браќата свои, велејќи: „Сонив уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа.“ И му го раскажа на својот татко како и на браќата свои, но татко му го прекори и рече: „Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајка ти, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?“ И му позавидоа браќата негови; но татко му ги запомни тие зборови. Еднаш неговите браќа отидоа да го пасат добитокот на својот татко кај Сихем. Тогаш Израел му рече на Јосиф: „Браќата твои го пасат добитокот кај Сихем. Ајде да те испратам кај нив.“ А тој рече: „Добро, одам!“ И уште му рече: „Оди и види како се браќата твои и како е добитокот, па јави ми.“ И го испрати по долината хевронска; и тој отиде во Сихем. И еден човек го најде како скита по полето, па го запраша, велејќи му: „Што бараш?“ А тој одговори: „Ги барам браќата мои; кажи ми, те молам, каде го пасат добитокот?“ А човекот рече: „Тие си заминаа одовде, зашто чув како велат – ајде да одиме во Дотан.“ И отиде Јосиф по браќата свои, и ги најде во Дотан. А тие го видоа оддалеку; и, пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. И си рекоа помеѓу себе: „Ене го доаѓа, оној што сонува! Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме: крвожеден ѕвер го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа!“ Но, кога го чу тоа Рувим, посака да го спаси од рацете нивни, па рече: „Да не го убиваме!“ И уште им рече Рувим: „Крв да не пролевате; фрлете го во една од јамите во пустината, но не кревајте рака на него.“ А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го врати кај татко му. И кога Јосиф дојде кај своите браќа, тие му ја соблекоа шарената облека, што ја имаше на себе. И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа. Потоа седнаа да јадат леб. И кревајќи ги очите, видоа Јишмаелци како доаѓаат од Галаад со камилите свои, натоварени со миризливи смоли, балсам и темјан; го пренесуваа тоа во Египет. Јуда им рече на своите браќа: „Каква полза ќе имаме, ако го убиеме братот наш и ја сокриеме крвта негова? Ајде да им го продадеме на овие Јишмаелци, па да не клаваме рака на него, зашто брат ни е, наша крв е.“ И го послушаа браќата негови. Па кога мидјанските трговци минуваа покрај нив, тие го извадија Јосиф од јамата и им го продадоа на Јишмаелците за дваесет парчиња сребро; а овие го одведоа Јосиф во Египет. А кога се врати Рувим кај јамата, Јосиф го немаше во неа. Тогаш тој ја раскина облеката своја. И отиде кај браќата свои и рече: „Го нема момчето: а сега, каде да се денам јас?“ Тогаш ја зедоа Јосифовата облека, и заклаа јаре, па ја натопија облеката со крв. И ја испратија шарената облека да се однесе на нивниот татко и да се рече: „Го најдовме ова, па види дали е тоа облеката на синот твој, или не?“ А тој ја позна и рече: „Облеката е на мојот син, крвожеден ѕвер го изел; Јосиф е, навистина, растргнат!“ И ја раскина Јаков облеката своја, па се препаша со вреќиште околу себе; и го оплакуваше синот свој многу де­нови. И се собраа сите негови синови и ќерки да го тешат; но тој не можеше да се утеши, туку велеше: „Со тага ќе појдам по синот мој во светот на мртвите.“ Така го оплакуваше. А Мидјаните го продадоа Јосиф во Египет на Потифар, дворјанин на фараонот, заповедник на стражата.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност