Создавање 37:1-36
Создавање 37:1-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Јаков живееше во земјата, во која беше доселен неговиот татко Исак, во земјата хананска. Еве го животот на синовите на Јаков: кога беше на седумнаесетгодишна возраст Јосиф го пасеше добитокот со браќата свои, со синовите на Билха и со синовите на Зелфа, жените на неговиот татко. Јосиф му носеше лоши гласови на својот татко за нив. А Израел го сакаше Јосиф повеќе од сите свои синови, зашто му се роди на стари години; и му направи шарена облека. А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите свои синови, го замразија, така што не можеа со него да зборуваат љубезно. Притоа Јосиф сони сон и им го раскажа на своите браќа, а тие го замразија уште повеќе. И им рече: „Чујте го сонот што го сонив: врзуваме снопје во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на мојот сноп.“ Тогаш браќата му рекоа: „Зарем ти ќе царуваш над нас? Зарем ти ќе владееш над нас?“ Затоа уште повеќе го замразија, поради неговите соништа и поради неговите зборови. Потоа тој сони и втор сон, и им го раскажа и на браќата свои, велејќи: „Сонив уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа.“ И му го раскажа на својот татко како и на браќата свои, но татко му го прекори и рече: „Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајка ти, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?“ И му позавидоа браќата негови; но татко му ги запомни тие зборови. Еднаш неговите браќа отидоа да го пасат добитокот на својот татко кај Сихем. Тогаш Израел му рече на Јосиф: „Браќата твои го пасат добитокот кај Сихем. Ајде да те испратам кај нив.“ А тој рече: „Добро, одам!“ И уште му рече: „Оди и види како се браќата твои и како е добитокот, па јави ми.“ И го испрати по долината хевронска; и тој отиде во Сихем. И еден човек го најде како скита по полето, па го запраша, велејќи му: „Што бараш?“ А тој одговори: „Ги барам браќата мои; кажи ми, те молам, каде го пасат добитокот?“ А човекот рече: „Тие си заминаа одовде, зашто чув како велат – ајде да одиме во Дотан.“ И отиде Јосиф по браќата свои, и ги најде во Дотан. А тие го видоа оддалеку; и, пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. И си рекоа помеѓу себе: „Ене го доаѓа, оној што сонува! Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме: крвожеден ѕвер го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа!“ Но, кога го чу тоа Рувим, посака да го спаси од рацете нивни, па рече: „Да не го убиваме!“ И уште им рече Рувим: „Крв да не пролевате; фрлете го во една од јамите во пустината, но не кревајте рака на него.“ А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го врати кај татко му. И кога Јосиф дојде кај своите браќа, тие му ја соблекоа шарената облека, што ја имаше на себе. И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа. Потоа седнаа да јадат леб. И кревајќи ги очите, видоа Јишмаелци како доаѓаат од Галаад со камилите свои, натоварени со миризливи смоли, балсам и темјан; го пренесуваа тоа во Египет. Јуда им рече на своите браќа: „Каква полза ќе имаме, ако го убиеме братот наш и ја сокриеме крвта негова? Ајде да им го продадеме на овие Јишмаелци, па да не клаваме рака на него, зашто брат ни е, наша крв е.“ И го послушаа браќата негови. Па кога мидјанските трговци минуваа покрај нив, тие го извадија Јосиф од јамата и им го продадоа на Јишмаелците за дваесет парчиња сребро; а овие го одведоа Јосиф во Египет. А кога се врати Рувим кај јамата, Јосиф го немаше во неа. Тогаш тој ја раскина облеката своја. И отиде кај браќата свои и рече: „Го нема момчето: а сега, каде да се денам јас?“ Тогаш ја зедоа Јосифовата облека, и заклаа јаре, па ја натопија облеката со крв. И ја испратија шарената облека да се однесе на нивниот татко и да се рече: „Го најдовме ова, па види дали е тоа облеката на синот твој, или не?“ А тој ја позна и рече: „Облеката е на мојот син, крвожеден ѕвер го изел; Јосиф е, навистина, растргнат!“ И ја раскина Јаков облеката своја, па се препаша со вреќиште околу себе; и го оплакуваше синот свој многу денови. И се собраа сите негови синови и ќерки да го тешат; но тој не можеше да се утеши, туку велеше: „Со тага ќе појдам по синот мој во светот на мртвите.“ Така го оплакуваше. А Мидјаните го продадоа Јосиф во Египет на Потифар, дворјанин на фараонот, заповедник на стражата.
Создавање 37:1-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А Јаков се настани во земјата, во која татко му престојуваше како придојденик - во Ханаанската Земја. Еве ја Јакововата историја. Како момче, на седумнаесет години, Јосиф ги чуваше стадата, со своите браќа, со синовите на Вала и Зелфа, кои беа жени на татка му. Јосиф му носеше на татка си лоши гласови за нив. Јаков го љубеше Јосифа повеќе од кој и да е свој син, зашто беше дете на неговата старост, и тој му направи шарена облека. Но неговите браќа забележија дека татко им го љуби повеќе од сите други свои синови, па го замразија толку, што не можеа да му речат ни пријатен збор. Еднаш Јосиф сонуваше сон, и им го раскажа на своите браќа, а тие го замразија уште повеќе заради тоа. „Чујте го сонот - им рече - што го видов! Замислете! Врзувавме снопови во средината на полето, кога одеднаш мојот сноп се исправи и застана нагоре. Тогаш вашите снопови се собраа наоколу и му се поклонија на мојот сноп.“ Неговите браќа го прашаа: „Да не сакаш да зацаруваш над нас? Сакаш ли да ни бидеш господар?“ И го замразија уште повеќе, заради неговото раскажување на соништата. Тој виде уште еден сон и им го раскажа на своите браќа: „Сонував уште еден сон. Внимавајте! Сонцето, месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа длабоко!“ Кога му го раскажа тоа на својот татко, татко му го укори и му рече: „Што значи сонот што го сонуваше? Зар ќе дојдеме: јас, мајка ти и браќа ти, па да ти се поклонуваме до земја?“ И додека неговите браќа му беа лути, од завист, татко му размислуваше за сѐ. Еднаш неговите браќа отидоа да ги чуваат татковите стада во близина на Сихем. Израел му рече на Јосифа: „Твоите браќа ги чуваат стадата при Сихем, па ајде да те испратам кај нив.“ Тој му одговори: „Добро, одам.“ Потоа татко му му рече: „Оди и види како се браќа ти и добитокот, па извести ме.“ Така го испрати од долината Хеврон, и тој стигна во Сихем. Некој човек го најде како скита по полето, и го праша: „Што бараш?“ „Ги барам браќата“, одговори. „Можеш ли да ми кажеш каде ги чуваат стадата?“ А човекот рече: „Заминаа оттука. Ги чув како зборуваат: „Да одиме во Дотан.“ Така Јосиф замина по своите браќа и ги најде во Дотан. Тие го здогледаа оддалеку; пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат. Си рекоа еден на друг: „Ене го стигнува сонувачот! Ајде, да го убиеме сега и да го фрлиме во некоја јама! Можеме да речеме дека го изеде див ѕвер. Ќе видиме што ќе биде од неговите соништа!“ Но кога Рувим го чу тоа, се обиде да го избави од нивните раце. И рече: „Да не му го одземаме животот! Не пролевајте крв - зборуваше натаму Рувим. - Фрлете го во јама за вода во пустината, ама не кревајте раце на него!“ Така сакаше да го избави од нивните раце и да го одведе при таткото. Но кога Јосиф стигна при браќата, тие му ја соблекоа неговата облека, шарената облека што беше на него; го грабнаа и го фрлија во јама за вода. Јамата беше празна; немаше вода во неа. Потоа седнаа да ручаат. Кога ги подигнаа своите очи, здогледаа поворка Исмаилци, како доаѓаат од Галад. Нивните камили носеа: мириси, балсами и смирна, за да ги препродадат во Египет. Тогаш Јуда им рече на своите браќа: „Што ќе постигнеме ако го убиеме брата си, а ја скриеме неговата крв? Ајде, да го продадеме на Исмаилците; но да не дигаме рака на него. Зашто тој е наш брат, наше месо.“ Браќата го послушаа. Тогаш пристигнаа луѓе, мадијамски трговци. Браќата го извлекоа од јамата за вода и им го продадоа на Исмаилците за дваесет сребреници, а тие го одведоа Јосифа во Египет. Кога Рувим се врати до јамата за вода и виде дека го нема Јосифа во јамата за вода, ја скина својата облека. А кога се врати при своите браќа, извика: „Детето го нема! Каде ќе се скријам сега јас!“ А тие ја зедоа Јосифовата облека, заклаа едно јаре и облеката ја натопија во крв. Му ја испратија шарената облека на таткото и му порачаа: „Го најдовме ова! Гледај, дали е ова облеката на твојот син или не е?“ Тој ја препозна и рече: „Облеката е на мојот син! Див ѕвер го растрга! Јосиф е растрган на делови!“ И Јаков ја скина својата облека, стави покорничко вреќиште околу половина, и долго време го оплакуваше својот син. Сите негови синови и сите негови ќерки настојуваа да го утешат, но тој не можеше да се утеши. Велеше: „Со тага ќе слезам при својот син во подземјето. Така го оплакуваше неговиот татко. А Мадијамците го продадоа, во Египет, на Петефриј, фараонов царедворец, началник на телохранителите.