Ездра 7:11-28
Ездра 7:11-28 MK2006
Еве ја содржината на писмото, што царот Артаксеркс му го даде на Ездра, свештеник и книжник, кој го учеше Израел на заповедите Господови и на законите Негови: „Артаксеркс, цар над царевите, до Ездра свештеникот, совршениот учител во законот на небесниот Бог денес. Издадов указ, во царството мое секој од народот Израелов и од неговите свештеници и левити што сака да оди во Ерусалим, нека појде со тебе. Бидејќи си испратен од царот и од седумте негови советници, да ги надгледуваш Јудеја и Ерусалим во законот на твојот Бог, кој е во раката твоја, и да го однесеш среброто и златото, кое царот и советниците негови го жртвуваа на Бог Израелов, Чие живеалиште е во Ерусалим, и сето сребро и злато што ќе го собереш по целата област Вавилонска, заедно со доброволните приноси од народот и свештениците што ќе жртвуваат за домот на својот Бог, Кој е во Ерусалим, – затоа веднаш купи за тие пари волови, овни, јагниња и житни приноси за нив, и преливи за нив, и принеси ги на жртвеникот во домот на вашиот Бог во Ерусалим. А она што ти и браќата твои ќе најдете дека е добро да направите од останатото сребро и злато, според волјата на Вашиот Бог направете. Садовите, пак, што ти беа дадени за служби во домот на твојот Бог, постави ги пред Бог Ерусалимски. И сѐ друго што е потребно за домот на твојот Бог, ова за што го сметаш дека е неопходно, давај од домот на царските ризници. А јас, царот Артаксеркс, давам заповед до сите ризничари, што се од онаа страна на Реката – сѐ што ќе посака од вас Ездра, свештеник и учител по законот на Бога небесен, без двоумење, давајте: сребро до сто кикари, жито до сто кора, вино до сто бата и пак до сто бата масло, а сол – без да се определува количеството. Сѐ, што е заповедано од Бога небесен треба да се врши грижливо за Неговиот дом, и гледајте, некој да не протегне рака врз домот на Бога небесен за да не падне гневот Негов врз царството, царот и синовите негови. Го кажавме да знаете дека на никого од свештениците и левитите, пејачите, чуварите на вратите, слугите на храмот и оние што служат при тој дом Божји нема да им се наложува данок, ни десеток, ни царина. А ти, Ездра, според мудроста на твојот Бог, која е во раката твоја, постави управители и судии за да го судат сиот народ од онаа страна на Реката, – сите што ги знаат законите на твојот Бог, а кои не знаат, научи ги. И кој не го исполнува законот на твојот Бог и законот царски, тој без одлагање да се осуди, било на смрт, било со прогонство, било со парична глоба, или со затвор во темница.“ Нека е благословен Господ, Бог на нашите предци, Кој влеа во срцето на царот таква мисла да го прослави домот Господов што е во Ерусалим, и Кој ја управи кон мене милоста на царот, на советниците негови и на сите силни кнезови царски! И јас се охрабрив, бидејќи раката на Господ, мојот Бог, беше над мене, и ги собрав кнезовите израелски, за да одат со мене.

