Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ездра 7:11-28

Ездра 7:11-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Еве ја содржината на писмото, што царот Артаксеркс му го даде на Ездра, свештеник и книжник, кој го учеше Израел на заповедите Госпо­дови и на законите Негови: „Артаксеркс, цар над царевите, до Ездра свештеникот, совршениот учи­тел во законот на небесниот Бог денес. Издадов указ, во царството мое секој од народот Израелов и од него­вите свештеници и левити што сака да оди во Ерусалим, нека појде со тебе. Бидејќи си испратен од царот и од седумте негови советници, да ги надгледуваш Јудеја и Ерусалим во зако­нот на твојот Бог, кој е во раката твоја, и да го однесеш среброто и златото, кое царот и советниците негови го жрт­вуваа на Бог Израелов, Чие живе­алиш­те е во Ерусалим, и сето сребро и злато што ќе го собереш по целата област Вавилон­ска, заедно со доброволните приноси од на­родот и свештениците што ќе жртвуваат за домот на својот Бог, Кој е во Еру­салим, – затоа веднаш купи за тие пари волови, овни, јагниња и житни приноси за нив, и преливи за нив, и принеси ги на жртвеникот во домот на вашиот Бог во Ерусалим. А она што ти и браќата твои ќе нај­дете дека е добро да направите од оста­натото сребро и злато, според волјата на Вашиот Бог направете. Садовите, пак, што ти беа дадени за служби во домот на твојот Бог, постави ги пред Бог Ерусалимски. И сѐ друго што е потребно за домот на твојот Бог, ова за што го сметаш де­ка е неопходно, давај од домот на цар­ските ризници. А јас, царот Артаксеркс, давам за­повед до сите ризничари, што се од онаа страна на Реката – сѐ што ќе посака од вас Ездра, свештеник и учител по законот на Бога небесен, без двоумење, давајте: сребро до сто кикари, жито до сто кора, вино до сто бата и пак до сто бата масло, а сол – без да се определува количеството. Сѐ, што е заповедано од Бога небесен треба да се врши грижливо за Неговиот дом, и гледајте, некој да не протегне рака врз домот на Бога небесен за да не падне гневот Негов врз царството, царот и синовите негови. Го кажавме да знаете дека на никого од свештениците и левитите, пеја­чите, чуварите на вратите, слуги­те на храмот и оние што служат при тој дом Божји нема да им се наложува данок, ни десеток, ни царина. А ти, Ездра, според мудроста на твојот Бог, која е во раката твоја, постави управители и судии за да го судат сиот народ од онаа страна на Реката, – сите што ги знаат законите на твојот Бог, а кои не знаат, научи ги. И кој не го исполнува законот на твојот Бог и законот царски, тој без одлагање да се осуди, било на смрт, било со прогонство, било со парична глоба, или со затвор во темница.“ Нека е благословен Господ, Бог на нашите предци, Кој влеа во срцето на царот таква мисла да го прослави домот Господов што е во Ерусалим, и Кој ја управи кон мене милоста на царот, на советниците негови и на сите силни кнезови царски! И јас се ох­рабрив, бидејќи раката на Господ, мојот Бог, беше над мене, и ги собрав кнезовите израелски, за да одат со мене.

Ездра 7:11-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Еве препис од исправата што царот Артаксеркс му ја даде на свештеникот Езра, книжевник вешт во наредбите и законите, кои Господ му ги даде на Израел: „Артаксеркс, цар на царевите, на свештеникот Езра, писар на Законот на небесниот Бог, потполн мир. Еве ги моите повелби: Секој во моето царство, од израелскиот народ, од неговите свештеници или од неговите левити, кој сака да тргне за Ерусалим, може да дојде со тебе. Освен тоа, те праќа царот, и неговите седум советници, да ги прегледаш Јудеја и Ерусалим според Законот на твојот Бог, што ти е во раката, и да ги однесеш среброто и златото, што царот и неговите седум советници доброволно Му принесуваат на Израелевиот Бог, Кој живее во Ерусалим, и сето сребро и злато што ќе го собереш по сета вавилонска покраина со доброволните приноси, кои народот и свештениците ќе ги принесат за Домот на својот Бог во Ерусалим. И погрижи се со тие сребреници да купиш јунци, овни и јагниња, а исто така и дарови и налевниците што одат со тоа: принеси го тоа врз жртвеникот на Домот на вашиот Бог во Ерусалим. Со среброто и златото што ќе остане направете, ти и твоите браќа, како што ќе ви се свиди најмногу, исполнувајќи ја волјата на вашиот Бог. Посатките што ги прими за служба во Домот на твојот Бог остави ги пред твојот Бог, во Ерусалим. И што ќе треба уште за Домот на твојот Бог и што би требало да се набави, ќе примиш од царската ризница. Јас, царот Артаксеркс, уште им заповедам на благајниците оттаде Реката: сѐ што ќе побара од вас свештеникот Езра, писар на Законот на небесниот Бог, дајте му веднаш најточно, до сто таланти сребро, сто кори пченица, сто вати вино, сто вати масло, а сол по желба. Сѐ што ќе нареди небесниот Бог, нека се изврши веднаш со сета горделивост за Домот на небесниот Бог, та Неговиот гнев да не дојде врз царевото царство и врз неговите деца. И уште ви јавуваме дека не смее да се наложува данок, ниту порез, ниту царина ниту на еден од свештениците, левитите, певците, нетинците и на другите службеници на Божјиот Дом. А ти, Езра, според мудроста на твојот Бог, која ја имаш во рацете, постави службеници и судии, кои ќе му судат на целиот народ од онаа страна на Реката, то ест на сите, кои го познаваат Законот на твојот Бог. Кој не знае, поучете го вие. Кој не ќе го извршува Законот на твојот Бог - што е и царев закон - нека биде осуден остро: на смрт, на заточение, на глоба во сребреници или на темница.“ Благословен нека е Господ, Бог на нашите татковци, Кој го вдахнови царевото срце за да го прослави Господовиот Дом во Ерусалим, и Кој ја сврти кон мене милоста на царот, на неговите советници и на сите најсилни царски службеници. А јас се осмелив, зашто раката на Господа, мојот Бог, беше над мене, и ги собрав Израелевите главатари да тргнат со мене.