Во дваесет и петтата година по нашето прогонство, во почетокот на годината во десеттиот ден од месецот, во четиринаесеттата година по разурнувањето на градот, во овој ист ден беше раката Господова врз Мене и Тој ме поведе таму. Во виденијата Божји ме поведе Тој во земјата израелска и ме постави на многу висока планина, и на неа откај југ се гледаше нешто како изграден град. Ме поведе таму, и, ете, еден маж, кој изгледаше како светол бакар, а во неговата рака ленено јаже и трска за мерење, и тој стоеше пред портите. И ми рече тој маж: „Сине човечки, гледај со очите и слушај со ушите и сето ова земи го при срце, ова што ќе ти го покажам, бидејќи ти поради тоа и си доведен овде, за да ти го покажам тоа; за сѐ што ќе видиш, извести го домот Израелов.“
И ете, имаше ѕид околу храмот, а во раката на тој човек трска за мерење од шест лакти, а лакот беше по лакот и дланка, и го измери тој храмот, една трска широчина и една трска височина. Потоа отиде кај портите, кои беа поставени кон исток, се искачи по стапалата нивни и измери дека едниот праг од портата беше една трска широчина, а другиот праг пак една трска височина. И секоја околна соба беше по една трска долга и по една трска широка, а меѓу собите имаше пет лакти и прагот на портите во тремот зад портите беше пак една трска. Го измери тој тремот зад портите – пак една трска. А тремот пред портите – осум лакти, и столбовите два лакта. Тој трем пред портите беше отстрана на храмот. Собите од источната страна кај вратите беа три од едната страна и три од другата страна; една мерка имаа сите три и една мерка имаа столбовите од едната и од другата страна. Ги измери тој отворите на вратите – тие беа по десет лакти широки, а должината нивна – тринаесет лакти. Пред собите имаше од едната и од другата страна ограда од по еден лакот. Тие соби од едната страна имаа шест лакти и од другата страна – шест лакти. Потоа ги измери тој вратите од стреата на едната соба до стреата на другата соба – дваесет и пет лакти широчина: врата спроти врата. А и столбовите ги измери тој: шеесет лакти, секој столб околу дворот и при вратите. И од предната страна на влезот во вратите до предната страна на внатрешната врата – педесет лакти. Решетчести прозорци имаше и во околните соби и кај столбовите нивни однатре кај вратите наоколу; исто така и во тремовите наоколу имаше прозорци од внатрешната страна, а на столбовите – палми.
И ме одведе тој во надворешниот двор, и, ете, таму – соби, имаше направен под од плочи околу дворот. Триесет соби имаше на тој плочник. И тој плочник беше откај страните на вратите, според должината на вратите, малку понизок. И го измери тој по ширината од долните врати до надворешниот крај на внатрешноста во дворот: сто лакти – кон исток и кон север.
Ја измери исто така должината и ширината на вратите од надворешниот двор, свртени кон север; и при нив околните соби, три од едната страна и три од другата; и столбовите нивни и продолженијата нивни имаа иста мерка како и првите врати – долги по педесет лакти, а широки по дваесет и пет лакти. И прозорците нивни и продолженијата нивни и палмите нивни имаа иста мерка, како и вратите, свртени кон исток; а се влегуваше во нив по седум степеника и пред нив имаше уште и продолженија. И во внатрешниот двор, вратата спроти северните и источните врати; и ја измери тој должината од врата до врата – сто лакти.
И ме поведе кон југ, а таму имаше јужна врата; и ги измери тој столбовите и продолженијата – имаа иста мерка. И прозорците во нив и во тремот им беа исто такви како оние прозорци: долги педесет лакти, а широки дваесет и пет лакти. Влезот до нив – седум степеника, и тремови имаше пред нив; и украси од палма на столбовите – еден од едната страна и друг од другата страна. И во внатрешниот двор имаше јужна врата; ја измери тој должината од врата до врата јужно – сто лакти.