Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 40:1-27

Езекиел 40:1-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во дваесет и петтата година по нашето прогонство, во почето­кот на годината во десеттиот ден од месецот, во четиринаесеттата година по разурнувањето на градот, во овој ист ден беше раката Господова врз Мене и Тој ме поведе таму. Во виденијата Божји ме поведе Тој во земјата израелска и ме постави на многу висока планина, и на неа откај југ се гледаше нешто како изграден град. Ме поведе таму, и, ете, еден маж, кој изгледаше како светол бакар, а во неговата рака ленено јаже и трска за ме­рење, и тој стоеше пред портите. И ми рече тој маж: „Сине човечки, гледај со очите и слушај со ушите и сето ова земи го при срце, ова што ќе ти го покажам, бидејќи ти поради тоа и си доведен овде, за да ти го покажам тоа; за сѐ што ќе видиш, извести го домот Израелов.“ И ете, имаше ѕид околу храмот, а во раката на тој човек трска за мерење од шест лакти, а лакот беше по лакот и дланка, и го измери тој храмот, една трска широчина и една трска височина. Потоа отиде кај портите, кои беа поставени кон исток, се искачи по стапалата нивни и измери дека едниот праг од портата беше една трска широ­чина, а другиот праг пак една трска височина. И секоја околна соба беше по една трска долга и по една трска широка, а меѓу собите имаше пет лакти и прагот на портите во тремот зад портите беше пак една трска. Го измери тој тремот зад портите – пак една трска. А тремот пред портите – осум лакти, и столбовите два лакта. Тој трем пред портите беше отстрана на храмот. Собите од источната страна кај вра­тите беа три од едната страна и три од другата страна; една мерка имаа сите три и една мерка имаа столбовите од едната и од другата страна. Ги измери тој отворите на вратите – тие беа по десет лакти широки, а должината нивна – тринаесет лакти. Пред собите имаше од едната и од другата страна ограда од по еден лакот. Тие соби од едната страна имаа шест лакти и од другата страна – шест лакти. Потоа ги измери тој вратите од стреата на едната соба до стреата на другата соба – дваесет и пет лакти ши­рочина: врата спроти врата. А и столбовите ги измери тој: шее­сет лакти, секој столб околу дворот и при вратите. И од предната страна на влезот во вратите до предната страна на внат­решната врата – педесет лакти. Решетчести прозорци имаше и во околните соби и кај столбовите нивни однатре кај вратите наоколу; исто така и во тремовите наоколу имаше прозорци од внатрешната страна, а на столбовите – палми. И ме одведе тој во надворешниот двор, и, ете, таму – соби, имаше напра­вен под од плочи околу дворот. Триесет соби имаше на тој плочник. И тој плочник беше откај страните на вратите, според должината на вра­тите, малку понизок. И го измери тој по ширината од долните врати до надворешниот крај на внатрешноста во дворот: сто лакти – кон исток и кон север. Ја измери исто така должината и ширината на вратите од надворешниот двор, свртени кон север; и при нив околните соби, три од едната страна и три од другата; и столбовите нивни и продолженијата нивни имаа иста мерка како и првите врати – долги по педесет лакти, а широки по дваесет и пет лакти. И прозорците нивни и продолженијата нивни и палмите нивни имаа иста мерка, како и вратите, свртени кон ис­ток; а се влегуваше во нив по седум степеника и пред нив имаше уште и про­долженија. И во внатрешниот двор, вратата спроти северните и источните врати; и ја измери тој должината од врата до врата – сто лакти. И ме поведе кон југ, а таму имаше јужна врата; и ги измери тој столбовите и продолженијата – имаа иста мерка. И прозорците во нив и во тремот им беа исто такви како оние прозорци: долги педесет лакти, а широки дваесет и пет лакти. Влезот до нив – седум степеника, и тремови имаше пред нив; и украси од палма на столбовите – еден од едната страна и друг од другата страна. И во внатрешниот двор имаше јужна врата; ја измери тој должината од врата до врата јужно – сто лакти.

Езекиел 40:1-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во дваесет и петтата година на нашето ропство, во почетокот на годината, во првиот месец, во десеттиот ден, а во четиринаесеттата година откако падна градот, токму во оној ден, Господовата рака се спушти на мене. И ме одведе во божествен привид во Израелевата Земја, та ме постави на многу висока гора. На неа, од јужната страна, беше нешто како соѕидан град. Ме поведе натаму, и ете, човек блескав како бронза, стоеше на вратата, со ленено јаже и со мерачка трска во раката. И тој човек ми рече: „Човечки сине, гледај со своите очи и слушај со своите уши, запомни сѐ што ќе ти покажам, зашто си доведен тука за да ти покажам. Извести му на Израелевиот дом сѐ што ќе видиш тука.“ И ете, здание сето наоколу препашано со ѕид. Човекот држеше во раката мерачка трска од шест лакти, а секој лакот беше подолг од една дланка од обичниот лакот. Тој го измери зданието. Широчина: една трска, височина: една трска. Потоа отиде кон вратата што беше свртена кон исток. Се искачи по скалите и го измери прагот на вратата. Широчина: една трска. А секоја соба долга една трска и широка една трска. Меѓу собите: пет лакти. Прагот на вратата од страната на нивниот трем, одвнатре една трска. Го измери тремот на вратата одвнатре: беше широк осум лакти; а неговите полустолбови два лакти. Тремот на вратата беше од внатрешната страна. На секоја страна на источната врата беа по три соби. И сите три беа со иста мерка. Така и полустолбовите: од двете страни беа со иста мерка. Потоа ја измери вратата: беше широка десет лакти и висока тринаесет лакти. Пред собите имаше ограда од еден лакот од едната и од другата страна. Секоја соба шест лакти од едната, и шест лакти од другата страна. А потоа ја измери вратата од задната страна на спротивната соба, во широчина: беше дваесет и пет лакти, врата спроти врата. Го измери и тремот: дваесет лакти. Дворот беше сѐ околу тремот на вратата. Од влезната страна на вратата до спротивната страна на нивниот трем беа педесет лакти. На собите и на нивните довратници, од внатрешната страна сѐ наоколу, а исто така и во тремот, имаше прозорци со решетки. Таквите прозорци беа одвнатре сѐ наоколу, а на полустолбовите, палми. Потоа ме одведе во надворешниот двор на Домот. И ете, сѐ околу дворот простории и плочник. Триесет простории врз плочник. Подот беше од секоја страна на вратата и му одговараше на рамништето на вратата. Тоа е долниот под. 18 Плочникот беше од секоја страна и му одговараше на рамништето на вратата. Тоа е долниот под. Тој ја измери широчината на дворот од долната врата до внатрешниот двор, од надворешната страна: сто лакти на исток и на север. И ги измери широчината и должината на северната врата на надворешниот двор. А таа имаше по три соби од секоја страна, а нивните столбови и тремови со исти мерки како кај првата врата: во должина педесет лакти и во широчина дваесет и пет лакти. Нивните прозорци, тремови и палми беа со исти мерки како на источната врата, а на нивниот приод седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна. Внатрешниот двор имаше врата што беше спроти северната врата како и источната. Тој измери: меѓу едната и другата врата имаше сто лакти. Потоа ме одведе кон југ, и ете: таму врата. Ги измери таму собите, полустолбовите и тремовите: беа со иста мерка. Таа и нејзините тремови имаа сѐ наоколу прозорци што беа како и оние првите. Должината и тука изнесуваше педесет лакти, а широчината дваесет и пет. Кон вратите водеа седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна, а на столбовите имаа по една палма од секоја страна. Внатрешниот двор имаше една врата и од јужната страна. Тој измери: од таа врата до јужната врата - сто лакти.