Тогаш Мојсеј одговори и рече: „А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – ‚Не ти се јавил Господ?‘“ А Господ му рече: „Што ти е тоа во раката?“ А тој одговори: „Стап.“ И му рече: „Фрли го на земја!“ И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј избега од неа. А Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.“ И ја испружи раката и ја фати, и пак стана стап во раката негова. „Така ќе поверуваат дека ти се јавил Господ, Бог на татковците нивни, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ И пак му рече Господ: „Стави ја сега раката своја во пазувата своја!“ И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег. И му рече: „Стави ја пак раката своја во пазувата своја!“ И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово. „Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак. А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на копното; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.“
А Мојсеј Му рече на Господ: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам.“ А Господ рече: „Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ? Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш.“ Но тој пак рече: „Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш.“ И се разгневи Господ на Мојсеј, и рече: „Нели ти е брат Арон левитот? Знам дека е способен да зборува; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во срцето свое. Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите. И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.“
Тогаш отиде Мојсеј и се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди со здравје!“ И Господ му рече на Мојсеј во Мидјан: „Оди, врати се во Египет, зашто изумреа сите, што ја бараа душата твоја.“ Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и синовите свои, и ги качи на магариња, и замина за Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја. И му рече Господ на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гледај да ги направиш пред фараонот сите чуда, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот. А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син. Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син.“ И кога патем ноќеваше, го сретна Господ и сакаше да го убие. Тогаш Ципора зеде остар камен, и ја обреза крајната плот на својот син, и фрлајќи ја пред нозете негови, рече: „Ти си мојот крвав младоженец.“ Тогаш Тој отиде од него; а таа рече: „Поради обрезанието си крвав младоженец.“ А Господ му рече на Арон: „Излези во пустината и оди да го сретнеш Мојсеј!“ И тој отиде и го сретна на планината Божја, и го бакна. Мојсеј, пак, му ги кажа на Арон сите зборови Господови: Кој го испрати, и сите чуда, што му заповеда да ги изврши. И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини на синовите израелски. А Арон ги кажа сите зборови, што му ги беше кажал Господ на Мојсеј, а Мојсеј ги изврши сите чуда пред очите на народот. Народот поверува. И откако слушнаа дека Господ ги посетил синовите израелски и погледнал на маката нивна, паднаа на колена и се поклонија.