Излез 4:1-31
Излез 4:1-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Мојсеј одговори и рече: „А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – ‚Не ти се јавил Господ?‘“ А Господ му рече: „Што ти е тоа во раката?“ А тој одговори: „Стап.“ И му рече: „Фрли го на земја!“ И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј избега од неа. А Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.“ И ја испружи раката и ја фати, и пак стана стап во раката негова. „Така ќе поверуваат дека ти се јавил Господ, Бог на татковците нивни, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ И пак му рече Господ: „Стави ја сега раката своја во пазувата своја!“ И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег. И му рече: „Стави ја пак раката своја во пазувата своја!“ И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово. „Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак. А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на копното; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.“ А Мојсеј Му рече на Господ: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам.“ А Господ рече: „Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ? Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш.“ Но тој пак рече: „Те молам, Господи, избери друг, што ќе го испратиш.“ И се разгневи Господ на Мојсеј, и рече: „Нели ти е брат Арон левитот? Знам дека е способен да зборува; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во срцето свое. Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите. И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.“ Тогаш отиде Мојсеј и се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди со здравје!“ И Господ му рече на Мојсеј во Мидјан: „Оди, врати се во Египет, зашто изумреа сите, што ја бараа душата твоја.“ Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и синовите свои, и ги качи на магариња, и замина за Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја. И му рече Господ на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гледај да ги направиш пред фараонот сите чуда, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот. А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син. Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син.“ И кога патем ноќеваше, го сретна Господ и сакаше да го убие. Тогаш Ципора зеде остар камен, и ја обреза крајната плот на својот син, и фрлајќи ја пред нозете негови, рече: „Ти си мојот крвав младоженец.“ Тогаш Тој отиде од него; а таа рече: „Поради обрезанието си крвав младоженец.“ А Господ му рече на Арон: „Излези во пустината и оди да го сретнеш Мојсеј!“ И тој отиде и го сретна на планината Божја, и го бакна. Мојсеј, пак, му ги кажа на Арон сите зборови Господови: Кој го испрати, и сите чуда, што му заповеда да ги изврши. И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини на синовите израелски. А Арон ги кажа сите зборови, што му ги беше кажал Господ на Мојсеј, а Мојсеј ги изврши сите чуда пред очите на народот. Народот поверува. И откако слушнаа дека Господ ги посетил синовите израелски и погледнал на маката нивна, паднаа на колена и се поклонија.
Излез 4:1-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Мојсеј одговори: „Ама ако не ми поверуваат и не ме послушаат, туку ми речат: ‘Господ не ти се јави?’“ „Што ти е тоа во раката?“ Го праша Господ. „Стап“, одговори. „Фрли го на земја!“ му нареди Господ. Тој го фрли на земја, и стапот се претвори во змија. И Мојсеј избега пред неа. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката и фати ја за опашка.“ Тој посегна со раката и ја фати за опашка, а таа пак стана стап во неговата рака. „Така треба да веруваат дека ти се јави Господ, Бог на нивните татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ Уште Господ му рече: „Вовлечи ја раката во пазувата.“ Тој ја вовлече раката во пазувата. Кога ја извлече, ете - раката му беше лепрозна, бела како снег. „Стави ја пак раката во пазува!“ му нареди Господ. Тој пак: раката во пазува. Кога ја извлече од пазува, ете - пак беше како и другиот дел на телото. „Ако не ти поверуваат и не ја прифатат пораката на првиот знак, ќе ѝ поверуваат на пораката на вториот знак. А ако овие два знака не ги уверат, па не ти поверуваат, нацрпи вода од Реката и истури ја на суво. Водата што ќе ја земеш од Реката, на суво ќе се претвори во крв.“ „Прости, Господи! - продолжи Мојсеј на Господа. - Јас никогаш не сум бил красноречив човек; ни порано, ниту сега кога му зборуваш на Својот слуга. Јас сум бавен во зборувањето, а на јазикот тежок.“ „Кој му ја даде устата на човекот? - му рече Господ. - Кој го прави нем и глув; кој му го дава видот или го ослепува? Зар тоа не Сум Јас, Господ! И така, оди! Јас ќе бидам со тебе кога ќе зборуваш, и ќе ти кажам што да зборуваш.“ „Прости, Господи - пак рече Мојсеј - не би ли испратил некој друг!“ Се налути Господ на Мојсеја и рече: „Зар Арон, Левиецот, не е твој брат? Знам дека е тој многу красноречив. Еве, токму ти излегува во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето. Ти зборувај му нему и ставај ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам и со тебе и со него додека зборувате; ќе ви кажувам на двајцата што ќе работите. Нека му зборува тој на народот место тебе. Така, тој ќе ти биде место уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. Земи го стапов во раката. Со него извршувај ги знаците.“ Потоа Мојсеј се врати при деда си Јотора и му рече: „Пушти ме да се вратам при браќата во Египет, да видам дали се уште живи. „Тргни со мир!“ му рече Јотор на Мојсеја. И Господ му рече на Мојсеја во Мадијам: „Врати се во Египет зашто изумреа сите луѓе, кои го бараа твојот живот.“ Така Мојсеј ги качи на ослето својата жена и синовите и замина за Египетската Земја. А во раката Мојсеј го зеде Божјиот стап. Господ му рече пак на Мојсеја: „Кога ќе се вратиш во Египет, погрижи се да ги извршиш, пред фараонот, сите чудеса за кои ти дадов сила, иако Јас ќе го направам кораво неговото срце, така што нема да го пушти народот да си отиде. Тогаш речи му на фараонот: ‘Вака вели Господ: „Израел е Мој првороденец. Барам од тебе да ми го пуштиш синот, за да ми искаже почитување. Ако откажеш да го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороденец.“‘ „ Кога патем Мојсеј застана да преноќева, Господ се нафрли на него да го убие. Но Сепфора зеде остро каменче, го обреза својот син и со кожичката ги допре Мојсеевите нозе: „Навистина ти си ми крвав маж,“ рече. И Господ го пушти. Заради обрезувањето таа го рече тоа: „крвав маж.“ Тогаш Господ му рече на Арона: „Запати се кон пустината, во пресрет на Мојсеј!“ Тој отиде и се сретна со него на Божјата Гора. Го пољуби. Мојсеј му раскажа на Арона сѐ што му довери Господ и сите знаци што му нареди да ги изврши. Сега Мојсеј и Арон отидоа и ги собраа сите старешини на Израелците. Арон им изложи сѐ што Господ му зборувал на Мојсеја, а Мојсеј ги направи знаците пред очите на народот. Народот беше уверен, и откако чуја дека Господ ги посети Израелците и погледа на нивните јадови, паднаа ничкум и се поклонија.