Естира 8:1-11
Естира 8:1-11 MK2006
Во тој ден царот Ксеркс ѝ го даде на царицата Естира домот на Аман, непријателот на Јудејците; а Мардохеј влезе пред лицето на царот, зашто Естира беше соопштила што ѝ е тој. И царот го извади прстенот свој што го беше одзел од Аман, и му го даде на Мардохеј; а Естира го постави Мардохеј за надзорник на Амановиот дом. И Естира говореше уште пред царот, падна пред нозете негови, плачеше и го молеше да ја измени злобата на Вугеецот Аман и плановите негови што беше ги скроил против Јудејците. Царот го подаде кон Естира златниот жезол; Естира стана и застана пред лицето на царот, па му рече: „Ако му е на царот угодно, ако сум нашла милост пред неговото лице, а тоа дело биде справедливо пред лицето на царот, нека се напише да се вратат писмата според замислата на Вугеецот Аман, син Амадатов, кој беше напишал за погубувањето на Јудејците во сите царски области; зашто, како би можела да ја гледам неволјата што ќе го снајде мојот народ, и како би можела да го гледам загинувањето на моите сродници?“ Тогаш царот Ксеркс им рече на царицата Естира и на Јудеецот Мардохеј: „Еве, јас ѝ го дадов на Естира домот на Аман, и самиот него го обесив на бесилка, поради тоа што беше кренал рака на Јудејците; напишете и вие за Јудејците, она што ви е угодно, од името на царот и потврдете го со печат од царскиот прстен, зашто писмо, напишано од името на царот и потврдено со печат од царски прстен, не може да се измени.“ Веднаш беа повикани царските писари во третиот месец, односно, во месецот сиван, на дваесет и третиот ден, и беше напишано сѐ онака, како што заповеда Мардохеј, до Јудејците и до сатрапите, до обласните намесници, до управниците на областите од Индија до Етиопија – сто дваесет и седум области на секоја област со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик и до Јудејците со нивните писма и на нивни јазик. И беа напишани писма од името на царот Ксеркс, ги запечати со царскиот прстен и им ги испрати по брзоодци на коњи, на камили и на царски мулиња, дека царот им дозволува на Јудејците што се наоѓаат во секој град да се соберат и да го заштитат својот живот, да ги истребат, убијат и погубат сите силни во народот и во областа, кои постапуваат непријателски спрема нив и нивните деца и жени, а имотот нивни да го разграбаат

