Естира 3:8-14
Естира 3:8-14 MK2006
И Аман му рече на царот Ксеркс: „Има еден народ, распрснат меѓу народите по сите краишта на твоето царство; законите нивни се разликуваат од законите на сите народи, и царските закони тие не ги исполнуваат; па не треба царот така и да ги остави. Ако му е на царот угодно, нека заповеда да бидат истребени, и десет илјади кикари сребро ќе измерам за да бидат внесени во царската ризница.“ Тогаш царот го извади од раката прстенот свој и му го даде на Вугеецот Аман, синот Амадатов за да стави печат на повелбата против Јудејците. И му рече царот на Аман: „Ти го предавам тебе тоа сребро и народот; прави со нив што сакаш.“ И беа свикани царските писари во првиот месец, во тринаесеттиот негов ден, и беше напишано, како што заповеда Аман, до царските намесници на секоја област, до кнезовите на секој народ, – на секоја област со нејзиното писмо, и до секој народ на јазикот негов: сѐ беше напишано од името на царот Ксеркс и потврдено со печатот од царскиот прстен. И беа испратени писма преку брзоодци до сите царски области за да бидат убиени, погубени и истребени сите Јудејци, од најголем до најмал, деца и жени, во еден ден, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, месец адар, и имотот нивен да биде разграбен. Препис од писмото да се испрати до секоја област, како закон, што им се објавува на сите народи за да бидат спремни за оној ден.

