Естира 3:8-14
Естира 3:8-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И Аман му рече на царот Ксеркс: „Има еден народ, распрснат меѓу народите по сите краишта на твоето царство; законите нивни се разликуваат од законите на сите народи, и царските закони тие не ги исполнуваат; па не треба царот така и да ги остави. Ако му е на царот угодно, нека заповеда да бидат истребени, и десет илјади кикари сребро ќе измерам за да бидат внесени во царската ризница.“ Тогаш царот го извади од раката прстенот свој и му го даде на Вугеецот Аман, синот Амадатов за да стави печат на повелбата против Јудејците. И му рече царот на Аман: „Ти го предавам тебе тоа сребро и народот; прави со нив што сакаш.“ И беа свикани царските писари во првиот месец, во тринаесеттиот негов ден, и беше напишано, како што заповеда Аман, до царските намесници на секоја област, до кнезовите на секој народ, – на секоја област со нејзиното писмо, и до секој народ на јазикот негов: сѐ беше напишано од името на царот Ксеркс и потврдено со печатот од царскиот прстен. И беа испратени писма преку брзоодци до сите царски области за да бидат убиени, погубени и истребени сите Јудејци, од најголем до најмал, деца и жени, во еден ден, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, месец адар, и имотот нивен да биде разграбен. Препис од писмото да се испрати до секоја област, како закон, што им се објавува на сите народи за да бидат спремни за оној ден.
Естира 3:8-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И Аман му кажа на царот Ахасвер: „Во сите покраини на твоето царство има еден народ, распрснат сред другите народи и одвоен од нив. Неговите закони се инакви од законите на сите други народи. Тие не ги пазат царските одредби. Затоа царот не смее да ги остави на мир. Ако му е по волја на царот нека се распише за да бидат убиени тие; а јас ќе им избројам десет илјади србрени таланти во рацете на поверениците, за да ги внесат во царската ризница.“ Потоа царот го извади печатниот прстен од раката и му го предаде на Амана, синот Амедатин, Агагеец, непријател на Евреите, и му кажа: „Нека ти бидат сребрениците и народот, па направи со нив што ќе биде добро во твоите очи.“ Во тринаесеттиот ден на првиот месец беа свикани царевите писари, па составија писма за она што наложи Аман и им ги упати на царските намесници, на управителите што стоеја на чело на поодделни покраини, на кнезовите на секој одделен народ, на секоја покраина со нејзиното писмо и на секој народ на неговиот јазик. Писмата се напишани во царево име и врз нив е удрен царевиот печат. По брзоодците им беа испратени на сите цареви покраини посланија за да бидат сите Евреи, од децата до старците, децата и жените, уништени, погубени, истребени, а нивните имоти да бидат запленети во еден единствен ден, и тоа во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, на месецот адар. Содржината на оваа наредба, што имаше да стане закон во секоја покраина, им беше објавена на сите народи, за да бидат подготвени за тој ден.