Се нагледав на сѐ во моите суетни дни: праведниот загинува со својата праведност; безбожниот и натаму живее и покрај безбожноста своја. Немој да бидеш премногу строг и немој да се покажуваш за многу умен, зошто да се уништуваш? Не предавај се на грев и не станувај безумен; зошто да умреш предвреме? Добро е, ако се држиш за едното, но и друго да не испушташ од раката своја; зашто, кој има страв од Бога, ќе се избави од сето тоа. Мудроста го прави мудриот посилен од десет кнезови што се во градот. Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши; затоа не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува, за да не го чуеш и слугата свој, кога те навредува; зашто срцето твое знае за многу случаи, кога и ти самиот си навредувал други. Сето тоа го испитав со мудрост; јас реков: „Ќе бидам мудар“, но мудроста е далеку од мене. Далеку е тоа што се случило и многу длабоко: кој ќе го пронајде? Се свртев со срцето свое, за да ги дознаам, изучам и истражам мудроста и разумот, и да го познаам безумието на безбожниот, и незнаењето, и лукавството, и разбрав дека погорчливо од смртта е жената, зашто таа е мрежа, срцето нејзино – стапица, рацете нејзини – окови; добриот пред Бога ќе се спаси од неа, а грешникот ќе биде уловен од неа. „Ете, тоа открив јас – рече Проповедникот – испитувајќи едно по друго.“ Што уште бараше душата моја, и не го најде? – Маж најдов еден на илјада, но жена меѓу сите нив не најдов. Само, ете, тоа го открив дека Бог го создаде човекот едноставен и добар, но тој самиот си создава проблеми.