Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Проповедник 7:15-29

Проповедник 7:15-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Се нагледав на сѐ во моите суетни дни: праведниот загинува со својата праведност; безбожниот и натаму жи­вее и покрај безбожноста своја. Немој да бидеш премногу строг и немој да се покажуваш за многу умен, зошто да се уништуваш? Не предавај се на грев и не станувај безумен; зошто да умреш предвреме? Добро е, ако се држиш за едното, но и друго да не испушташ од раката своја; зашто, кој има страв од Бога, ќе се избави од сето тоа. Мудроста го прави мудриот поси­лен од десет кнезови што се во градот. Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши; затоа не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува, за да не го чуеш и слугата свој, кога те навредува; зашто срцето твое знае за многу случаи, кога и ти самиот си навредувал други. Сето тоа го испитав со мудрост; јас реков: „Ќе бидам мудар“, но мудроста е далеку од мене. Далеку е тоа што се случило и многу длабоко: кој ќе го пронајде? Се свртев со срцето свое, за да ги дознаам, изучам и истражам мудроста и разумот, и да го познаам безумието на безбожниот, и незнаењето, и лукавството, и разбрав дека погорчливо од смртта е жената, зашто таа е мрежа, срцето нејзино – стапица, рацете нејзини – окови; добриот пред Бога ќе се спаси од неа, а грешникот ќе биде уловен од неа. „Ете, тоа открив јас – рече Пропо­ведникот – испитувајќи едно по друго.“ Што уште бараше душата моја, и не го најде? – Маж најдов еден на илјада, но жена меѓу сите нив не најдов. Само, ете, тоа го открив дека Бог го создаде човекот едноставен и добар, но тој самиот си создава проблеми.

Проповедник 7:15-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Сѐ видов во својот суетен живот; праведниот пропаѓа и покрај својата праведност, а безбожникот живее и натаму и покрај својата безбожност. Не биди преправеден и не замислувај се дека си премудар; зошто да се уништуваш? Не биди прелош, и не биди безумен; зошто да умреш пред времето? Добро е да се придржуваш за едното, но ни другото не го испуштај од раката, зашто кој се бои од Бога, се избавува од сѐ. Мудроста на мудрецот му дава поголема сила на градот, отколку десет градоначалници. На земјата нема праведник, кој правејќи добро никогаш не согрешил. И уште едно: не обрнувај внимание на озборувањето; можеби ќе чуеш дека твојот слуга те колнел; а твоето срце знае како и ти често ги колнеше другите. Сѐ тоа го испитав со мудроста. Мислев дека сум мудар но мудроста ми беше несфатлива. Она што е, далеку е и длабоко, толку длабоко - кој може да го најде. И уште еднаш се обидов да ги истражам и да ги разберам мудроста и разумот, да ја сознаам нечесноста како и глупоста, а лудоста како безумие. Открив дека има нешто погорчливо од смртта - жената, чие срце е примка и мрежа, а рацете окови; кој Му е мил на Бога, ја избегнува, а грешникот ќе биде уловен од неа. Ете, тоа сѐ го открив во сѐ, вели Проповедникот. И уште барав. Но без успех. Најдов маж - еден меѓу илјада, а не најдов ниедна жена меѓу сите. Го открив, ова: Бог го создаде човекот едноставен, а тој смислува безбројни сплетки.