Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Проповедник 2:1-16

Проповедник 2:1-16 MK2006

Си реков во срцето свое: „Ајде ќе те испитам во веселба: уживај во наслади!“ Но ете, и тоа беше суета! За смеата реков – глупост е, а за веселбата: каква полза од неа? Си помислив во срцето свое да го насладам телото свое со вино и, додека срцето мое се води по мудроста, да се придржувам и за глупоста сѐ додека да видам, што е подобро за синовите чо­вечки, што би требало да прават тие под небото во текот на малкуте денови од својот живот. Презедов големи работи: си изгра­див куќи, си насадив лозја, си уредив градини и овоштарници и посадив таму секакви овошни дрвја; си направив водостои за поливање на овошните дрвја; придобив слуги и слугинки, имав и слуги родени во домот мој; имав и крупен и ситен добиток, повеќе од сите, што беа пред мене во Ерусалим; насобрав сребро и злато и скапо­цености од цареви и области; си доведов пејачи и пејачки и тоа, што ги насладува синовите човечки – многу жени. И така станав јас поголем и побогат од сите, што беа пред мене во Еру­салим; а и мудроста моја остана со мене. Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забранував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше награда за сите мои трудови. И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете – сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза на земјата! Потоа се свртев да ги погледам мудроста, безумството и глупоста: што може да направи човекот што ќе ме наследи, посебно од она, што е веќе направено? И видов дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината: на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав дека крајот на сите им е еднаков. Тогаш си реков во срцето свое: „И мене ќе ме стигне истото, како и глупавиот; зошто толку многу сакав да станам мудар?“ Па си реков во срцето свое дека и тоа е суета. Зашто нема да го помнат мудриот вечно, како и глупавиот; по време сѐ ќе се заборави, и, мудриот умира, како и безумниот.