Проповедник 2:1-16
Проповедник 2:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Си реков во срцето свое: „Ајде ќе те испитам во веселба: уживај во наслади!“ Но ете, и тоа беше суета! За смеата реков – глупост е, а за веселбата: каква полза од неа? Си помислив во срцето свое да го насладам телото свое со вино и, додека срцето мое се води по мудроста, да се придржувам и за глупоста сѐ додека да видам, што е подобро за синовите човечки, што би требало да прават тие под небото во текот на малкуте денови од својот живот. Презедов големи работи: си изградив куќи, си насадив лозја, си уредив градини и овоштарници и посадив таму секакви овошни дрвја; си направив водостои за поливање на овошните дрвја; придобив слуги и слугинки, имав и слуги родени во домот мој; имав и крупен и ситен добиток, повеќе од сите, што беа пред мене во Ерусалим; насобрав сребро и злато и скапоцености од цареви и области; си доведов пејачи и пејачки и тоа, што ги насладува синовите човечки – многу жени. И така станав јас поголем и побогат од сите, што беа пред мене во Ерусалим; а и мудроста моја остана со мене. Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забранував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше награда за сите мои трудови. И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете – сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза на земјата! Потоа се свртев да ги погледам мудроста, безумството и глупоста: што може да направи човекот што ќе ме наследи, посебно од она, што е веќе направено? И видов дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината: на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав дека крајот на сите им е еднаков. Тогаш си реков во срцето свое: „И мене ќе ме стигне истото, како и глупавиот; зошто толку многу сакав да станам мудар?“ Па си реков во срцето свое дека и тоа е суета. Зашто нема да го помнат мудриот вечно, како и глупавиот; по време сѐ ќе се заборави, и, мудриот умира, како и безумниот.
Проповедник 2:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш реков во своето срце: „Дај да го испитам уживањето, и да видам што дава насладувањето“ - но ете: и тоа е празнина! За смеењето реков: „Лудост е!“ за уживањето: „Што ползува тоа?“ Си помислив во срцето да го веселам телото со вино, додека срцето сѐ уште се раководи одмудроста; посакав да ја прегрнам и лудоста, како би дознал дали ги усреќува луѓето она што го прават под небесата за време наизброените денови на својот живот. Направив големи дела: изградив дворци за себе, посадив лозја; си направив градини и овоштарници, посадив во нив секакви овошки. Направив езера за да ги наводнувам посадените дрва. Купив робови и робинки, имав и домашни слуги, а исто и стада со крупен и ситен добиток повеќе од кој и да е друг пред мене во Ерусалим. Натрупав сребро и злато и скапоцености од царевите и покраините; набавив пејачи и пејачки и секакви човечки раскоши, сѐ сокровиште на сокровиште. И станав толку голем, поголем од кој и да е пред мене во Ерусалим; а не ме остави ни мојата мудрост. И што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд, и таква му беше наградата на секој мој напор. А тогаш ги разгледав сите свои дела, сите напори што ги вложив за да дојдам до нив - и ете, сѐ е тоа суета и гониветер! И нема полза под сонцето. Потоа ја свртив мојата мисла кон мудроста, кон глупоста и кон лудоста. Што би направил човек кој дошол после царот? Освен тоа што е веќе направено. И сознав дека мудроста е подобра од лудоста, како што е светлината подобра од темнината. На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина. Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб. Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?“ И реков во срцето: „И тоа е суета!“ Зашто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата! И, мудрецот умира како и безумникот.