Царот Навуходоносор направи златен идол, висок шеесет лакти, шест лакти широк, и го постави во полето Дура, во областа вавилонска. И нареди царот Навуходоносор да се соберат сите локални управители, намесници, војводи, врховни судии, ризничари, законодавци, судии и сите обласни управители да дојдат на свеченото откривање на идолот што го беше поставил царот Навуходоносор. И се собраа локалните управители, намесниците, воените началници, врховните судии, ризничарите, правниците, судиите и сите обласни управители за откривање на идолот кој царот Навуходоносор го беше поставил, и застанаа пред идолот што го беше подигнал Навуходоносор. Тогаш гласникот високо извика: „Ви се објавува вам народи, племиња и јазици – штом ќе го чуете звукот на трубата, од свирката, од цитрата, од харфата и од пеењето, како и од секакви свирки, паднете ничкум и поклонете му се на златниот идол што го постави царот Навуходоносор; а оној што нема да падне на колена и не се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.“ Затоа, кога го чуја звукот од трубата, од свирката, од харфата и од другите свирки, паднаа на колена сите народи, племиња и јазици и му се поклонија на златниот идол што го беше поставил царот Навуходоносор. Во тоа исто време дојдоа некои од Халдејците и ги наклеветија Јудејците. Тие му рекоа на царот Навуходоносор: „Царе, жив да си довека! Ти царе, даде заповед секој човек што ќе го чуе гласот од трубата, свирката, цитрата, харфата и од сите свирки да падне на колена и да му се поклони на златниот идол; а оној што нема да падне и нема да му се поклони, тој треба да биде фрлен во вжарена печка. Но има луѓе Јудејци што си ги поставил над работите на земјата вавилонска – Седрах, Мисах и Авденаго; тие луѓе не се покорија на твојата заповед, царе, на твоите богови не им служат и на златниот идол што го постави не му се поклонија.“