Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 3:1-12

Даниел 3:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Царот Навуходоносор направи златен идол, висок шеесет лакти, шест лакти широк, и го постави во полето Дура, во областа вавилонска. И нареди царот Навуходоносор да се соберат сите локални управители, на­месници, војводи, врховни судии, ризни­чари, законодавци, судии и сите обласни управители да дојдат на свеченото от­кривање на идолот што го беше поста­вил царот Навуходоносор. И се собраа локалните управители, намесниците, воените началници, вр­ховните судии, ризничарите, правници­те, судиите и сите обласни управители за откривање на идолот кој царот Наву­хо­доносор го беше поставил, и застанаа пред идолот што го беше подигнал На­вуходоносор. Тогаш гласникот високо извика: „Ви се објавува вам народи, племиња и јазици – штом ќе го чуете звукот на трубата, од свирката, од цитрата, од харфата и од пеењето, како и од секакви свирки, паднете ничкум и поклонете му се на златниот идол што го постави царот Навуходоносор; а оној што нема да падне на колена и не се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.“ Затоа, кога го чуја звукот од трубата, од свирката, од харфата и од другите свирки, паднаа на колена сите народи, племиња и јазици и му се поклонија на златниот идол што го беше поставил царот Навуходоносор. Во тоа исто време дојдоа некои од Халдејците и ги наклеветија Јудејците. Тие му рекоа на царот Навухо­доносор: „Царе, жив да си довека! Ти царе, даде заповед секој човек што ќе го чуе гласот од трубата, свир­ката, цитрата, харфата и од сите свирки да падне на колена и да му се поклони на златниот идол; а оној што нема да падне и нема да му се поклони, тој треба да биде фрлен во вжарена печка. Но има луѓе Јудејци што си ги поставил над работите на земјата ва­вилонска – Седрах, Мисах и Авденаго; тие луѓе не се покорија на твојата запо­вед, царе, на твоите богови не им слу­жат и на златниот идол што го постави не му се поклонија.“

Даниел 3:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Царот Навуходоносор одреди да се направи златен кип, висок шеесет лакти и широк шест, и да го постават во рамницата Дура, во вавилонската покраина. Вавилонскиот цар ги повика сатрапите, намесниците, управителите, советниците, благајниците, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраините, да дојдат на свечено откривање на кипот што го подигна царот Навуходоносор. Тогаш се собраа сатрапите, намесниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраинската власт на откривањето на кипот што го подигна царот Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор. Тогаш силно извика гласникот: „О народи, племиња и јазици, еве, што ви се наредува: во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор! Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.“ Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор. Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците. Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека! Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип; а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка. А еве, тука се Јудејците кои што ги постави за управители на Вавилонската Покраина: Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се покоруваа на твојата заповед, о цару; тие не им служат на твоите богови, и не му се поклонија на златниот кип што си го подигнал.“