Сега ќе ти ја кажам вистината: еве, уште тројца цареви ќе се издигнат во Персија; потоа четвртиот ќе ги надмине сите со големо богатство, и кога ќе го намножи богатството свое, ќе ги крене сите против царството на Јаван. Потоа ќе се појави силен цар, кој ќе владее со голема власт и ќе дејствува според својата волја. Но, кога ќе се издигне тој, царството негово ќе се сруши и ќе се раздели на четири делови и нема да помине на неговите потомци, и не со таква власт, со која тој господареше; затоа што царството негово ќе се растури и ќе падне на други, а не на нив. И јужниот цар ќе се засили, и еден од кнезовите негови ќе стане посилен од него и ќе владее, и власта негова ќе биде голема. Но по неколку години тие ќе се спријателат и ќерката на јужниот цар ќе дојде кај северниот цар за да склучи договор; но таа нема да ја задржи силата во рацете свои, и нема да го одржи нејзиниот род, туку тие ќе бидат убиени, како таа, така и оние, што ќе ја придружуваат; и родениот од неа, како и оние што ѝ помагале во тоа време. Но ќе се издигне фиданка од коренот нејзин, ќе дојде против војската, ќе влезе во тврдините на северниот цар, ќе ги победи и ќе ги покори. Дури и боговите нивни, идолите нивни заедно со скапите садови, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет и неколку години ќе владее посилно од северниот цар. И тој, ќе влезе во царството на јужниот цар, но ќе се повлече во земјата своја. Потоа, ќе се вооружат синовите негови и ќе соберат многубројна војска; а еден од нив брзо ќе замине, ќе поплави и ќе замине, и ќе се бори со него до тврдината негова. И јужниот цар ќе се налути, па ќе излезе да војува со него, со северниот цар, и ќе изведе голема војска и ќе ја зароби војската на северниот цар. Тогаш војската ќе се охрабри, и срцето на царот ќе се возгордее; тој ќе собори многу илјади, но нема да се одржи, бидејќи северниот цар ќе се врати и ќе изведе повеќе војска од поранешната и по неколку години ќе дојде со голема, добро опремена војска. Во тоа време мнозина ќе станат против јужниот цар, и бунтовниците меѓу синовите на твојот народ ќе се кренат, за да се исполни видението, но ќе паднат. И ќе дојде северниот цар, ќе направи опкоп и ќе го завладее укрепениот град, и нема да се додржат мишките на југ, ниту неговата избрана војска: ќе нема сила да се спротивстави. И ќе дејствува според неговата волја и никој не ќе може да устои пред него; и живеалиштето свое ќе го постави во Красната земја, и таа ќе настрада од раката негова. И ќе науми да навлезе во царството негово со сите сили, и ќе му ја даде ќерката своја за жена, за да го погуби, но таа намера нема да се исполни. Потоа ќе се сврти кон островите и ќе завладее многу од нив; но еден водач ќе го прекрати нанесениот срам од него и за срамот срам ќе му возврати. Потоа ќе се врати кон тврдините на својата земја, но ќе се сопне, ќе падне и тоа ќе му биде крајот. На негово место ќе се издигне друг што ќе наметне данок за да мине по царството во екот на славата. Но и тој по неколку дни ќе загине, и тоа не јавно, ниту во бој. А на негово место ќе се издигне еден никаквец, кој и нема право да биде цар, но со лукавство и со лаги ќе го освои царството. Оние што ќе му се противат ќе бидат потопени и победени од него, дури и Кнезот на сојузот. И покрај склучениот сојуз со него, тој ќе дејствува со измама и ќе го совлада и ќе се одржи на врвот со малку народ. Тој ќе влезе во мирни и плодни краишта и ќе го прави она што не го правеле татковците негови и татковците на татковците негови; пленот, заграбениот имот и богатството ќе го троши како свое. Ќе помислува и тврдини да напаѓа, но само за некое време. Потоа ќе се охрабри духот негов и со многубројна војска ќе се крене против јужниот цар; јужниот цар ќе излезе во војна со голема и уште посилна војска, но нема да се додржи, зашто против него ќе има заговор. Дури и оние што јадат леб со него ќе му станат убијци, и војската ќе му се уништи, па така многумина ќе паднат убиени. Во срцето на двата цара ќе има сплетки, и ќе седнат на една трпеза и ќе зборуваат лага, но нема ништо да се случи, зашто крајот е одложен до определеното време и така ќе се врати тој во својата земја со големо богатство и со непријателска замисла против светиот завет, ќе го направи своето и ќе се врати во земјата своја. Во определеното време тој пак ќе појде против југ, но последниот поход нема да биде како поранешниот, бидејќи истовремено против него ќе појдат китимските кораби, тој ќе се исплаши и ќе се врати, ќе беснее против светиот завет и пак ќе се договори со противниците на светиот завет. И ќе постави определен одред војска што ќе го осквернува светилиштето – тврдината, ќе ја укине секојдневната жртва и ќе го постави Гнасниот Пустошник. Со лукавство ќе ги привлече кон себе оние што се огрешиле против заветот; но луѓето кои Го почитуваат својот Бог, ќе опстојат и ќе се спротивстават. И разумните од народот ќе вразумуваат мнозина, но извесно време ќе страдаат од меч и оган, од ропство и грабеж. И во времето на страдањето свое само малкумина ќе им помагаат, а повеќето ќе се присоединат кон нив дволично – и од разумните некои ќе пострадаат за да се испитаат, очистат, и обелат за последното време, зашто уште има време до рокот.