Даниел 11:2-35
Даниел 11:2-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сега ќе ти ја кажам вистината: еве, уште тројца цареви ќе се издигнат во Персија; потоа четвртиот ќе ги надмине сите со големо богатство, и кога ќе го намножи богатството свое, ќе ги крене сите против царството на Јаван. Потоа ќе се појави силен цар, кој ќе владее со голема власт и ќе дејствува според својата волја. Но, кога ќе се издигне тој, царството негово ќе се сруши и ќе се раздели на четири делови и нема да помине на неговите потомци, и не со таква власт, со која тој господареше; затоа што царството негово ќе се растури и ќе падне на други, а не на нив. И јужниот цар ќе се засили, и еден од кнезовите негови ќе стане посилен од него и ќе владее, и власта негова ќе биде голема. Но по неколку години тие ќе се спријателат и ќерката на јужниот цар ќе дојде кај северниот цар за да склучи договор; но таа нема да ја задржи силата во рацете свои, и нема да го одржи нејзиниот род, туку тие ќе бидат убиени, како таа, така и оние, што ќе ја придружуваат; и родениот од неа, како и оние што ѝ помагале во тоа време. Но ќе се издигне фиданка од коренот нејзин, ќе дојде против војската, ќе влезе во тврдините на северниот цар, ќе ги победи и ќе ги покори. Дури и боговите нивни, идолите нивни заедно со скапите садови, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет и неколку години ќе владее посилно од северниот цар. И тој, ќе влезе во царството на јужниот цар, но ќе се повлече во земјата своја. Потоа, ќе се вооружат синовите негови и ќе соберат многубројна војска; а еден од нив брзо ќе замине, ќе поплави и ќе замине, и ќе се бори со него до тврдината негова. И јужниот цар ќе се налути, па ќе излезе да војува со него, со северниот цар, и ќе изведе голема војска и ќе ја зароби војската на северниот цар. Тогаш војската ќе се охрабри, и срцето на царот ќе се возгордее; тој ќе собори многу илјади, но нема да се одржи, бидејќи северниот цар ќе се врати и ќе изведе повеќе војска од поранешната и по неколку години ќе дојде со голема, добро опремена војска. Во тоа време мнозина ќе станат против јужниот цар, и бунтовниците меѓу синовите на твојот народ ќе се кренат, за да се исполни видението, но ќе паднат. И ќе дојде северниот цар, ќе направи опкоп и ќе го завладее укрепениот град, и нема да се додржат мишките на југ, ниту неговата избрана војска: ќе нема сила да се спротивстави. И ќе дејствува според неговата волја и никој не ќе може да устои пред него; и живеалиштето свое ќе го постави во Красната земја, и таа ќе настрада од раката негова. И ќе науми да навлезе во царството негово со сите сили, и ќе му ја даде ќерката своја за жена, за да го погуби, но таа намера нема да се исполни. Потоа ќе се сврти кон островите и ќе завладее многу од нив; но еден водач ќе го прекрати нанесениот срам од него и за срамот срам ќе му возврати. Потоа ќе се врати кон тврдините на својата земја, но ќе се сопне, ќе падне и тоа ќе му биде крајот. На негово место ќе се издигне друг што ќе наметне данок за да мине по царството во екот на славата. Но и тој по неколку дни ќе загине, и тоа не јавно, ниту во бој. А на негово место ќе се издигне еден никаквец, кој и нема право да биде цар, но со лукавство и со лаги ќе го освои царството. Оние што ќе му се противат ќе бидат потопени и победени од него, дури и Кнезот на сојузот. И покрај склучениот сојуз со него, тој ќе дејствува со измама и ќе го совлада и ќе се одржи на врвот со малку народ. Тој ќе влезе во мирни и плодни краишта и ќе го прави она што не го правеле татковците негови и татковците на татковците негови; пленот, заграбениот имот и богатството ќе го троши како свое. Ќе помислува и тврдини да напаѓа, но само за некое време. Потоа ќе се охрабри духот негов и со многубројна војска ќе се крене против јужниот цар; јужниот цар ќе излезе во војна со голема и уште посилна војска, но нема да се додржи, зашто против него ќе има заговор. Дури и оние што јадат леб со него ќе му станат убијци, и војската ќе му се уништи, па така многумина ќе паднат убиени. Во срцето на двата цара ќе има сплетки, и ќе седнат на една трпеза и ќе зборуваат лага, но нема ништо да се случи, зашто крајот е одложен до определеното време и така ќе се врати тој во својата земја со големо богатство и со непријателска замисла против светиот завет, ќе го направи своето и ќе се врати во земјата своја. Во определеното време тој пак ќе појде против југ, но последниот поход нема да биде како поранешниот, бидејќи истовремено против него ќе појдат китимските кораби, тој ќе се исплаши и ќе се врати, ќе беснее против светиот завет и пак ќе се договори со противниците на светиот завет. И ќе постави определен одред војска што ќе го осквернува светилиштето – тврдината, ќе ја укине секојдневната жртва и ќе го постави Гнасниот Пустошник. Со лукавство ќе ги привлече кон себе оние што се огрешиле против заветот; но луѓето кои Го почитуваат својот Бог, ќе опстојат и ќе се спротивстават. И разумните од народот ќе вразумуваат мнозина, но извесно време ќе страдаат од меч и оган, од ропство и грабеж. И во времето на страдањето свое само малкумина ќе им помагаат, а повеќето ќе се присоединат кон нив дволично – и од разумните некои ќе пострадаат за да се испитаат, очистат, и обелат за последното време, зашто уште има време до рокот.
Даниел 11:2-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А сега ќе ти ја откријам вистината. Еве: уште три цара ќе станат во Персија: четвртиот ќе биде побогат од другите, па кога ќе се засили заради своето богатство, сите ќе ги подигне против Грчкото царство. Ќе стане јуначки цар, ќе владее со голема власт и ќе прави што ќе му биде волја. А штом ќе се дигне, неговото царство ќе се распадне и ќе биде поделено на четири небесни ветра, ама не меѓу неговите потомци; и не ќе биде веќе толку силно како во времето на неговото владеење, зашто неговото царство ќе биде разурнато и предадено на други, а не ним. Царот на југ ќе стане силен; еден од неговите заповедници ќе биде посилен од него и ќе завладее со поголема сила отколку што е неговата. Неколку години подоцна тие ќе се здружат, а ќерката на царот на Југ ќе дојде кај царот на Север за да склучат договор. Ама таа со тоа нема да ја запази силата на својата мишка, и нејзиното потомство нема да се додржи: ќе бидат предадени таа и нејзината придружба, и нејзиното дете и нејзиниот помогнувач во тие времиња. Но еден подник од нејзиниот корен ќе се подигне на нејзиното место, ќе навали врз војската, ќе навлезе во тврдината на царот на Север, ќе дејствува против нив и ќе ги победи. Па и нивните богови, нивните кипови и нивните скапоцени посатки, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет. Неколку години ќе биде појак од царот на Север, кој тогаш ќе навлезе во царството на Југ од каде ќе се врати во својата земја. Ама тогаш неговите синови ќе се вооружат, ќе соберат силна војска, ќе навалат одлучно и ќе поминат како поплава, потоа пак ќе се заметне војна сѐ до неговата тврдина. Тогаш царот на Југ ќе се разгневи и ќе завојува против царот на Север; ќе дигне силна војска и ќе ја надвладее неговата војска. Мноштво ќе биде уништено, а тој ќе се возгордее заради тоа; ќе погуби десетици илјади, но нема да се додржи: царот на Север пак ќе крене војска поголема отколку порано, и по неколку години ќе навали со голема, добро опремена војска и со богатство. Во тоа време мнозина ќе се дигнат против царот на Југ; ќе станат и насилниците од твојот народ за да се исполни привидот но ќе пропаднат. Царот на Север ќе дојде: ќе подигне насипи за да заземе еден утврден град. Мишките на југ не ќе одолеат, па ни избраните чети не ќе имаат сила да дадат отпор. Оној ќе навали против него и ќе направи со него како што ќе му се посака - никој не ќе му даде отпор: ќе се запре во Прекрасната Земја, и таа ќе настрада од неговите раце. Откако цврсто одлучи да го добие по секоја цена сето негово царство, ќе склучи со него договор давајќи му една ќерка за жена за да го упропасти, ама нема да успее, тоа нема да се збидне. Потоа ќе се заврти кон островите и многу ќе освои, ама еден заповедник ќе го докрајчи тој срам, ќе му врати срам за срамот. Бргу ќе се заврти кон тврдините на својата земја, ама ќе се сопне, ќе падне, и веќе не ќе се подигне. На неговото место ќе дојде еден кој ќе испрати даночник по најславното во царството, ама за малку време ќе загине без гнев и без војна. На негово место ќе се воздигне ништожник, кому не му припаѓа царска чест. Но тој ќе дојде одненадеж и со сплетки ќе го завладее царството. Пред него ќе бидат преплавени и скршени напаѓачките сили и самиот водач на Сојузот. И покрај спогодбата со него, ќе нападнат предавнички и ќе го совладаат со малку луѓе. Одненадеж ќе навлезе во богати покраини и ќе постапува како што не постапуваа неговите татковци ни татковците на неговите татковци, растурајќи го меѓу своите пленот, грабежот и богатството, ќе смислува завери против тврдите градови, но само за некое време. Ќе ја раздвижи, со голема војска, својата сила и храброст против царот на Југ. Царот на Југ ќе тргне во војна со голема и силна војска, ама не ќе издржи, зашто против него ќе биде направена завера. И тие кои јадеја покрај неговиот стол ќе го погубат: неговата војска ќе биде уништена и мнозина ќе паднат исечени. Обата цара ќе смислуваат зло; седејќи покрај ист стол ќе си зборуваат лаги еден на друг: но не ќе успеат, зашто крајот е одложен до одредено време. Тој ќе се врати во својата земја со големо благо; со срцето против Светиот Завет, ќе го направи своето и ќе се врати во својата земја. Во одредено време пак ќе тргне против Југ, но сега нема да биде како првиот пат. Китимските бродови ќе нападнат на него, и тој ќе се исплаши. Ќе се врати, ќе се разгневи против Светиот Завет и пак ќе се спогоди со оние кои го напуштија Светиот Завет. Неговите чети ќе дојдат и ќе го обесветат Светилиштето на Тврдината, ќе ја укинат секојдневната жртва и ќе ја постават грозноста на запустувањето. Со своите сплетки ќе ги наведат на отпаднување оние кои згрешија против Заветот, но луѓето кои Го љубат Бога ќе се засилат и ќе дејствуваат. Разумните во народот ќе го поучуваат мноштвото, ама едно време ќе ги сотрува со меч, и со оган, со заточение и со грабеж. Додека ги затираат, само неколкумина ќе им помагаат, а мнозина ќе им се придружат измамливо. Некои од разумните ќе настрадаат за да се испитаат, за да се очистат и за да обелат до времето на свршетокот, зашто уште не дојде одреденото време.