Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 6:1-15

Дела 6:1-15 MK2006

Кога учениците се намножија, елинизираните Јудејци се побунија против Евреите зашто при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици. Тогаш Дванаесетте, го свикаа целото мноштво ученици, и рекоа: „Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да послужуваме на трпезите. Затоа, браќа, одберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух и мудрост, па ќе ги поставиме на таа служба; а ние целосно ќе ѝ се посветиме на молитвата и на службата на словото.“ Предлогот му се допадна на сиот на­род; па ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и Дух Свети, Филип, Про­хор, Никанор, Тимон, Пармена, Ни­ко­лај, еден новопридојден од Антиохија; нив ги поставија пред апостолите, а тие, откако се помолија, ги положија рацете над нив. И така, словото Божјо се ширеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мноштво свеш­теници ѝ се покори на верата. А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чудеса и знаци меѓу лу­ѓето. Тогаш се кренаа некои припадници на синагогата, наречена синагога на Либертините, на Киринејците и Алек­сандријците, како и на оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се пре­пи­раат со Стефан; но не можеа да се спротивстават на мудроста и Духот со кои тој зборуваше. Затоа тајно подучија некои луѓе да речат: „Го чувме дека хули на Мојсеј и на Бога.“ Така го надразнија народот, ста­ре­шините и книжниците. Потоа приста­пија кон него, го зграпчија и го одведоа во Синедрионот. Таму поставија лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек постојано хули на ова свето место и на Законот. Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет, Тој ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите што ни ги предаде Мојсеј.“ Тогаш сите што беа во Синед­ри­он­от го вперија погледот во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел.