Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 6:1-15

Дела 6:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“ Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив. Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера. Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ?Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“ Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание. Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм и против Мојсеевиот Закон. Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“ Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел.

Дела 6:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога учениците се намножија, елинизираните Јудејци се побунија против Евреите зашто при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици. Тогаш Дванаесетте, го свикаа целото мноштво ученици, и рекоа: „Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да послужуваме на трпезите. Затоа, браќа, одберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух и мудрост, па ќе ги поставиме на таа служба; а ние целосно ќе ѝ се посветиме на молитвата и на службата на словото.“ Предлогот му се допадна на сиот на­род; па ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и Дух Свети, Филип, Про­хор, Никанор, Тимон, Пармена, Ни­ко­лај, еден новопридојден од Антиохија; нив ги поставија пред апостолите, а тие, откако се помолија, ги положија рацете над нив. И така, словото Божјо се ширеше, и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше; и големо мноштво свеш­теници ѝ се покори на верата. А Стефан, исполнет со вера и сила, правеше големи чудеса и знаци меѓу лу­ѓето. Тогаш се кренаа некои припадници на синагогата, наречена синагога на Либертините, на Киринејците и Алек­сандријците, како и на оние што беа од Киликија и Азија, и почнаа да се пре­пи­раат со Стефан; но не можеа да се спротивстават на мудроста и Духот со кои тој зборуваше. Затоа тајно подучија некои луѓе да речат: „Го чувме дека хули на Мојсеј и на Бога.“ Така го надразнија народот, ста­ре­шините и книжниците. Потоа приста­пија кон него, го зграпчија и го одведоа во Синедрионот. Таму поставија лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек постојано хули на ова свето место и на Законот. Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет, Тој ќе го разруши ова место и ќе ги измени обичаите што ни ги предаде Мојсеј.“ Тогаш сите што беа во Синед­ри­он­от го вперија погледот во него и видоа дека лицето негово му беше како лице на ангел.

Дела 6:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во тие денови, кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа запоставувани при секојдневното делење на помош. Тогаш Дванаесетмината ги повикаа сите ученици и рекоа: „Не е право ние да го оставиме Божјото Слово и да служиме околу трпезите. Затоа, браќа, најдете меѓу себе седум мажи, добро посведочени, полни со Дух Свети и мудрост, на кои да им ја довериме таа должност, а ние и натаму ќе им се посветиме на молитвата и на службата на словото. И предлогот му се допадна на целото множество, па ги избраа: Стефана, маж полн со вера и со Светиот Дух, потоа: Филипа, Прохора, Никанора, Тимона Пармена, и Никола, прозелит од Антиохија. Нив ги поставија пред апостолите; а овие, кога се помолија, ги положија рацете на нив. А Божјото слово растеше и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше многу. И големо множество свештеници ѝ се потчинија на верата. А Стефан, полн со благодат и сила, правеше големи чудеса и знаци во народот. Но станаа некои од Синагогата наречена на Либертинците, на Киринејците, на Александријците и на оние од Киликија и Азија, и се препираа со Стефана. И не можеа да им се спротиват на мудроста и на Духот, со кој зборуваше. Тогаш наговорија луѓе, кои изјавија: „Го чувме како хули против Мојсеја и Бога.“ Така ги побунија и народот, и старешините, и книжевниците, и нападнаа на него, го фатија и го изведоа пред Синедрионот. Поставија и лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек непрекратно хули против ова свето место и Законот, зашто чувме како зборува дека Овој Исус Назареецот, ќе го разурне ова место и ќе ги измени обредите, што ни ги предаде Мојсеј.“ А сите, кои седеа во Синедрионот го насочија погледот во него и видоа дека лицето му е слично на лице на ангел.