Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 7:1-29

2 Самоилова 7:1-29 MK2006

Откако царот заживеа во својот дом, и Господ го беше успокоил од сите негови околни непријатели, царот му рече на пророкот Натан: „Ете, јас живеам во кедров дом, а Божјиот ковчег стои под шатор.“ А Натан му одговори на царот: „Оди, прави сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.“ Но во истата ноќ дојде ова слово Господово до Натан: „Оди, кажи му на Мојот слуга Давид: Вака говори Господ: ‚Ти ли ќе Ми изградиш дом за да живеам во него, кога Јас не сум живеел во дом, откако ги изведов синовите Израе­лови од Египет и до денес, но престојував во шаторот и во скинијата. Каде и да одев со сите синови Изра­елови, му кажав ли барем еден збор на некое од племињата, на кое сум му наложувал да го пасе Мојот народ Израел: зошто не ми изградивте кедров дом?‘ А сега, кажи му така на мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: ‚Јас те зедов од овчото стадо за да бидеш водач на Мојот народ Израел; и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував пред твои очи сите твои непријатели, и ќе го возве­личам твоето име, како името на големите луѓе на земјата. Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израел, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на своето место и нема повеќе да се обеспокојува, и нечес­ните луѓе нема повеќе да го понижу­ваат, како порано, од денот кога Јас определив судии над Својот Израел; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува дека Тој ќе ти подигне дом. А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово. Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш. Јас ќе му бидам Татко, и тој ќе Ми биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки; но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саул, кога Јас го отфрлив пред лицето твое. И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.‘“ Сите овие зборови и целото тоа видение Натан му го кажа на Давид. Тогаш отиде цар Давид, застана пред лицето на Господ, и рече: „Кој сум јас, Господи, и што е домот мој, та толку ме возвеличи! Па и тоа дури се покажа сосема малку во Твоите очи, Господи, Боже мој; но Ти извести уште за домот на Твојот слуга далечна иднина, тоа го поставуваш како закон за луѓето, Господи, Боже мој! Што уште може да ти каже Давид? Ти го познаваш Твојот слуга, Господи мој, Господи! Ти го правиш ова заради зборот Свој и по срцето Свое, откривајќи му ги на слугата Свој сите големи работи. Затоа во сѐ си голем Ти, Господи, Боже мој, зашто нема сличен на Тебе и нема Бог, освен Тебе, по сѐ што сме слушале со ушите свои. И кој друг народ на земјата е како Твојот народ – Израел; за кој доаѓал Бог да Си го откупи за свој народ, да го прослави името Свое и да изврши големи и страшни чуда пред Својот народ, кој Ти си го придобил од Египќаните, прогонувајќи ги народите и боговите нивни? И Ти го одреди за Себе Твојот народ Израел како Свој сопствен народ засекогаш, и Ти, Господи, стана негов Бог. А сега, Господи Боже, утврди го засекогаш зборот што си го изрекол за Твојот слуга и за домот негов и исполни го она што си го изрекол. Нека се возвеличи името Твое засекогаш, та да велат: ‚Господ Саваот е Бог над Израел.‘ И домот на Твојот слуга Давид да биде цврст пред Твоето лице. Бидејќи Ти, Господи Саваоте, Боже Израелов, му откри на Твојот слуга, велејќи: ‚Ќе ти воздигнам дом‘, Твојот слуга го подготви срцето свое да Ти се моли со таа молитва. И така, Господи, Боже мој! Ти си Бог, и Твоите зборови се неизменливи, и Ти му вети на Твојот слуга големо добро. А сега благоволи и благослови го домот на Твојот слуга, та тој да биде вечно пред Твоето лице, зашто Ти, Господи, Боже мој, го објави тоа, и со Твојот благослов домот на Твојот слуга ќе стане благословен засекогаш.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност