Откако царот заживеа во својот дом, и Господ го беше успокоил од сите негови околни непријатели, царот му рече на пророкот Натан: „Ете, јас живеам во кедров дом, а Божјиот ковчег стои под шатор.“ А Натан му одговори на царот: „Оди, прави сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.“ Но во истата ноќ дојде ова слово Господово до Натан: „Оди, кажи му на Мојот слуга Давид: Вака говори Господ: ‚Ти ли ќе Ми изградиш дом за да живеам во него, кога Јас не сум живеел во дом, откако ги изведов синовите Израелови од Египет и до денес, но престојував во шаторот и во скинијата. Каде и да одев со сите синови Израелови, му кажав ли барем еден збор на некое од племињата, на кое сум му наложувал да го пасе Мојот народ Израел: зошто не ми изградивте кедров дом?‘ А сега, кажи му така на мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: ‚Јас те зедов од овчото стадо за да бидеш водач на Мојот народ Израел; и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував пред твои очи сите твои непријатели, и ќе го возвеличам твоето име, како името на големите луѓе на земјата. Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израел, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на своето место и нема повеќе да се обеспокојува, и нечесните луѓе нема повеќе да го понижуваат, како порано, од денот кога Јас определив судии над Својот Израел; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува дека Тој ќе ти подигне дом. А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово. Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш. Јас ќе му бидам Татко, и тој ќе Ми биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки; но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саул, кога Јас го отфрлив пред лицето твое. И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.‘“ Сите овие зборови и целото тоа видение Натан му го кажа на Давид.