2 Самоилова 2:1-32
2 Самоилова 2:1-32 MK2006
Потоа Давид Го праша Господа, велејќи: „Да одам ли во некој од Јудините градови?“ И Господ му рече: „Оди.“ Давид пак праша: „Каде да одам?“ И Тој му рече: „Оди во Хеврон.“ И Давид отиде таму со двете жени свои: јизреелката Ахиноам и кармелитката Авигеја, бившата Навалова жена. Давид ги одведе и луѓето што беа со него, секој со челадта своја, и се населија во градот Хеврон. И дојдоа мажите Јудини и таму го помазаа Давид за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давид дека жителите од Јавеш Галаадски го погребале Саул. И Давид испрати гласници до жителите на Јавеш Галаадски да им кажат: „Благословени да сте пред Господ, поради тоа што ја направивте таа милост на господарот свој Саул, и што сте го погребале; и Господ нека ве награди со милост и верност; и јас ќе ви направам добро, поради тоа што го направивте вие ова. А сега нека се зацврстат рацете ваши и бидете храбри, зашто господарот ваш Саул умре, и домот Јудин ме помаза мене за цар.“ Но Авенир, син на Нир и началник над Сауловата војска, го зеде Ишбошет, Сауловиот син, го одведе во Маханаим, и го постави за цар над Галаад, Ашур и Јизреел, над Ефрем и Венијамин и над сиот Израел. А Ишбошет, Сауловиот син, беше на четириесет години, кога се зацари над Израел, и царуваше две години. Само Јудиниот дом остана со Давид. Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом, за време од седум години и шест месеци. Потоа отиде Авенир, Нировиот син, и слугите на Сауловиот син Ишбошет, од Маханаим во Гаваон. Излезе и Јоав, синот на Саруја, со Давидовите слуги и се сретнаа кај Гаваонскиот Поток, и застанаа еден од едната страна на потокот, а другиот – од другата страна на потокот. А Авенир му рече на Јоав: „Нека станат момците и нека се борат пред нас.“ И Јоав рече: „Нека станат.“ И станаа, та отидоа дванаесет Венијаминци од страната на Ишбошет, Сауловиот син, и дванаесетте Давидови слуги. И тие се фатија еден со друг за главите, си забија еден на друг меч во слабините и паднаа заедно. И тоа место беше наречено Хелкат-Цурим, а се наоѓа во Гаваон. И во оној ден стана многу жестока борба, а Авенир со израелските луѓе беше победен од Давидовите слуги. Таму беа тројца синови на Саруја: Јоав, Авеса и Асаил. А Асаил беше со лесни нозе, како срна во полето. Асаил почна да го гони Авенира и го гонеше, без да скршне ни десно, ни лево од стапките на Авенир. Авенир се сврте назад и рече: „Ти ли си, Асаиле?“ Тој одговори: „Јас сум.“ И Авенир му рече: „Скршни десно или лево, избери си еден од момците и земи го неговото оружје.“ Но Асаил не сакаше да го остави. И Авенир повторно му рече на Асаил: „Остави ме, да не те соборам на земја; со какво лице тогаш ќе се јавам пред братот твој Јоав?“ Но оној не сакаше да отстапи. Тогаш Авенир го сврте копјето и го прободе во стомакот; копјето мина низ него, и тој падна таму и умре на местото. Сите што минуваа низ тоа место, каде што беше паднал и умрел Асаил, застануваа. Јоав и Авеса го гонеа Авенир. Сонцето веќе беше зајдено кога стигнаа до ридот Ама, спроти Гијах, на патот за Гаваонската пустина. А Венијаминовите синови се собраа околу Авенир и образуваа чета и застанаа на врвот од еден рид. И Авенир извика кон Јоав и рече: „Вечно ли меч ќе нѐ проголтува? Зарем не знаеш, крајот ќе биде горчлив? И кога ќе им кажеш на луѓето да престанат да ги гонат браќата свои?“ А Јоав рече: „Се колнам во Бога! Ако ти не проговореше, луѓето без престанок ќе ги гонеа браќата свои сѐ до изутрината.“ И Јоав затруби со труба и сиот народ застана, и повеќе не ги гонеа Израелците; битката престана. Авенир, пак, и луѓето негови врвеа преку полето целата ноќ, го преминаа Јордан, минаа преку целиот Битрон и стигнаа во Маханаим. Се врати и Јоав од гонењето на Авенир и го собра сиот народ, а од Давидовите слуги, освен Асаил, недостигаа деветнаесет души. А Давидовите слуги убија од Венијаминовите и Авенировите луѓе, триста и шеесет души. И го зедоа Асаил и го погребаа во Витлеем, во гробот на татко му. А Јоав со луѓето свои одеше цела ноќ и во зорите стигна во Хеврон.

